(ВИДЕО) Пендаровски: Нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство

Од:

Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство.

-Нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори, вели претседателот Пендаровски во пораката по повод кампањата.

Пандемијата, вели тој, не потсети дека домот не е најбезбедно место за многу жени и деца, жртви на семејно и родово базирано насилство, затоа што бројките покажуваат алармантен број на вакви случаи, и кај нас и во светот. Зголемените бројки, според претседателот Пендаровски, се последниот сигнал дека ни е потребен зајакнат одговор од институциите и сеопфатна стратегија и поддршка на жртвите на насилство.

–Со ратификувањето на Истанбулската конвенција и Акцискиот план за нејзино спроведување направивме значаен исчекор во подобрување на институционалните механизми за превенција и заштита од родово базираното насилство. Меѓутоа, за подобри резултати потребни се буџетска поддршка, посветеност и соработка меѓу институциите и на национално и на локално ниво. Потребен е системски пристап во едукацијата за препознавање на сите форми на родово базирано насилство, како и заштита, спречување, пријавување на насилството, сослушување и поддршката на жртвите, порачува Пендаровски.

Тој потенцира и дека е потребно секој од нас да преземе одговорност.

-Секогаш кога сме сведоци на насилство врз жени и девојчиња или семејно насилство, наша должност, пред се, како луѓе е да пријавиме и да им дадеме поддршка и помош на жртвите. Побарајте помош и пријавете насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, информирајте ги вашите блиски пријатели или роднини. Ако сакаме општество на слободни и достоинствени граѓани, мора да им овозможиме на сите да имаат свое место во заедницата во која ќе се чувствуваат безбедни и сигурни. Да се бориме против насилството врз жените и девојчињата и против сите форми на родово базирано насилство, секој ден, сите заедно, вели претседателот Пендаровски.

Во знак на поддршка на кампањата, Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија „Вила Водно“ е осветлен во портокалова боја.

Би можело да ве интересира

Психосоцијална помош и поддршка добиле 712 жртви на родово базирано насилство во првите шест месеци од годинава

Предраг Петровиќ

Маж ја истепал поранешната сопруга и син ја истепал мајка си

А1он

Интензивна соработка помеѓу институциите и невладиниот сектор за заштита на жртвите од семејно насилство

А1он

Шахпаска – Пејчиновиќ Буриќ: Преку системски политики против дискриминацијата и насилството врз жените

А1он

Обвинение за гостиварец кој ја истепал поранешната вереница

А1он

Скопјанка преку Фејсбук моли за помош поради дечкото насилник, но одбива да оди во шелтер центар

Искра Манојлоска