По повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски се обрати на свечената церемонија што се одржа во Кабинетот на претседателот и во чии рамки беа доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.
Тој со Орден за воени заслуги, постхумно ја одликува Невена Николова Георгиева – Дуња, за, како што најавија oд неговиот Кабинет – извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења. Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно го одликува Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а уште осумина се одликувани со Медал за храброст: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.
Славната антифашистичка генерација полека ја напушта историската сцена. Се помалку меѓу нас ги има живите учесници во тие настани. За жал, низ годините на независноста сведочевме и на обиди да се релативизира значењето на НОБ, а со тоа и на делото на нашите партизани рече Пендаровски на прославата во „Вила Водно“.
-Овој чин го правиме во период кога нашата држава по кој знае кој пат се соочува со обидите да биде негирана националната самобитност на македонскиот народ и да бидат оспорени неговите уникатни национални белези. Револтот на граѓаните е оправдан, затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци, сепак, создала простор во кој луѓето се слободни и свои рече Претседателот.
Пендаровски вели дека е свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија.
– Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт. Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината смета Пендаровски.