Во населеното место Муртино денеска се одржа информативната кампања „ЕУ одблизу“. Со автобусот на ЕУ пристигна и евроамбасадорот Аиво Орав, а го пречека градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев. Кампањата почна со одржување на предавање на тема „Европска Унија“ во основното училиште „Маршал Тито“, а продолжи во центарот на селото каде беше поставен штанд со брошури на теми поврзани со Европската Унија.
Жителите на Муртино и околните села имаа можност во непосредна комуникација со тимот од ЕУ автобусот да поставуваат прашања поврзани со Европската Унија, пристапувањето на земјата во Унијата, можностите за искористувањето на фондовите од ИПА програмата и другите програми на ЕУ, како и за други активности поврзани со ЕУ во земјата.
Евроамбасадорот Орав му се заблагодари на градоначалникот Заев и неговите соработници за приемот во Муртино.
-Самата идеја на овој информативен автобус е да ја доведеме Европската Унија поблиску до локалното население, но истовремено и да се обидеме да научиме нешто повеќе за тоа што се случува на локално ниво. Во следните неколку денови, неколку министри, вклучувајќи и го министерот за надворешни работи и заменик премиерот за европски прашања, ќе патуваат во овој информативен автобус на Европската унија како и амбасадори на земји – членки на ЕУ во земјата, рече Орав во изјавата за медиумите.
Градоначалникот Заев се заблагодари за посетата на ЕУ претставниците и истакна дека му е посебно драго што тоа се случува во Муртино, селото од каде што тој потекнува.
-Идејата која што Европската Унија ја има, на овој начин, со директна посета на амбасадорите кои што доаѓаат од земјите членки на ЕУ, предводени од амбасадорот на Европската мисија во Скопје, претставува одлична можност да допреме и до руралните средини кои ќе имаат можност преку овие неколку часовни средби да се запознаат одблиску со она што значи ЕУ. Посебно, задоволството е огромно за нашата општина Струмица, што токму ние имавме среќа евроамбасадорот Орав да биде тука, рече градоначалникот Заев.
Во рамките на кампањата, во Муртино беше поставена и голема сложувалка со мапата на Европската Унија, а учениците цртаа на тема Македонија и ЕУ и учествуваа во наградни игри.
Информативната кампања заврши со посетата на канцеларијата за европски проекти што работи во рамките на општина Струмица.