На новинар од ТВ 21 попладнево од обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски му беше побарано да ги избрише фотографиите од мобилниот телефон на кои беше фотографиран претседателот на владејачката партија, во прошетка низ улица Македонија.
Колегата откако го забележал поранешниот премиер дека е во прошетка, се обидел да го сними моментот за објава на интернет-страницата на ТВ 21.
Oбезбедувањето на екс-премиерот влегло во дворот на телевизијата, го зело мобилниот уред и ги избришало фотографиите од мобилниот телефон.
На колегата му побарале новинарска легитимација, при што тој уредно ја покажал. Едниот од обезбедувањето приложил и легитимација дека е лице вработено во МВР.
Сметаме дека екс–премиерот е јавно лице и во интерес на јавноста е да се знае што прави и како се однесува. Ја повикуваме неговата партија и министерството за внатрешни работи да се огласат за овој инцидент. Безбедносните камери на ТВ 21 го забележа овој настан, односно регистрираа како обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, без дозвола на ТВ 21 влегува во телевизијата, велат од ТВ 21.