Изведувачот нема направено грешка при изведба на работите според проектот за рехабилитација на делницата Катланово – Велес вклучувајќи го и „стеснувањето“ кон езерото Младост, а регионалниот пат е со променлива ширина.
Ова за „А1он“ го тврдат од Јавното претпријатие за државни патишта во однос на прашањето за стеснувањето на регионалниот пат Р1102 од Велес кон Катланово преку езерото „Младост“ е во фаза на рехабилитација, односно на делницата од клучката кај Башино село до ресторан „Бела Вода“ на крајот од езерото која е завршена и е потесна во споредба со претходниот пат.
„Во однос на вашите прашања за ширината и рехабилитацијата на делницата Катланово-Велес ве известуваме дека коловозот на таа делница е со променлива ширина која е до 6 метри и е во согласност со теренските услови, како и со проектната документација, но и со Законот за јавни патишта кој препознава само категорија „регионален пат од прва категорија и регионален пат од втора категорија“ (член 4, точка 8 и 9)“, информираа од ЈПДП за „А1он“.
Од Државни патишта велат дека изведувачот нема направено грешка при изведбата на работите кои се според одобрен и ревидиран проект, но на делови од трасата широчината на патот е различна поради постоечките елементи и објекти на патот како што се тротоари, паркинзи и хотели.
„На делови од трасата, широчината на патот е дефинирана од постоечките елементи и објекти на патот (тротоари, паркинзи, хотели итн.), но на поголемиот дел од трасата широчината на коловозот е 5 или повеќе од 5 метри. Исто така, сообраќајната сигнализација, заштитна ограда и сите останати елементи од патот се изведени согласно со одобрениот Проект.
Изведувачот нема направено грешка при изведба на работите кои се според одобрен и ревидиран проект за рехабилитација, при што треба да се има предвид дека се работи за рехабилитација на постоечка, а не изградба на нова делница или реконструкција“, рекоа од ЈПДО за „А1он“.
По завршувањето на градежните зафати и одбележувањето на делницата од Башино село кон езерото, граѓаните се пожалија дека не можат да се разминат со своите возила, а предупредуваат дека ќе биде опасна кога ќе се разминуваат две поголеми возила како камиони или автобуси кои често носат туристи кон оваа локација.
Бидејќи се работи за регионален пат, рехабилитацијата ја изврши Јавното претпријатие за државни патишта. Таа беше поделена во две секции, првата во должина од 3,53 километри, а втората од 4,88 километри или вкупно 8,4 километри. Ширината на асфалтниот дел на тој дел од регионалниот пат е 4,6 метри.
Изведувач на работите е „JV INFRA EXPERT & VATO DOO“ кој е воведен во работа во август минатата година, а рокот за завршување на работите е девет месеци. Надзорот над работите го врши „ЕВРОКОНСЛАТИНГ“. Истовремено се работи и на делницата од Катланово кон Велес. Предвидени средства за реконструкција на овој патен правец, на двете делници, се 164,12 милиони денари или околу 2,67 милиони евра.