ВИДЕО: „Не растурајте ни го единственото семејство“, штитениците на „Бања Банско“ очајни

Од:

Излажани, игнорирани и вознемирени се чувствуваат дваесет и петмина штитеници на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“. Тие не сакаат да го напуштат Заводот и да бидат раздвоени во мали групни домови, како што е планот на Министерството за труд и социјала. Се жалат дека никој не ги почитува нивните желби иако, додека разговараат со нив, им ветуваат дека нема да направат нешто против нивна волја. Револтирани се од последната посета на министерката Јована Тренчевска, која исто како и претходните министерки – едно ветувала додека разговарале, а друго кажувала во медиумите.

„Таа зад камерите ни велеше дека никој со сила нема да биде истеран, но тоа не е така. Погрешно ја информираат македонската јавност. После тоа, таа гостуваше во еден медиум, каде што изјави дека ние ќе сме можеле да планираме, ќе сме можеле да избираме што да јадеме, ќе сме имале многу повеќе работа. Еве кажувам дека ние си планираме, ние си готвиме, ние си можеме сѐ. Министерката и сите претходни функционери се обидоа на македонската јавност да ѝ прикажат неубава слика за институциите како нашата. Нашата институција е Завод за заштита и рехабилитација ‘Бања Банско’. Нашата институција е најсоодветна. Многу е битно што имаме толку многу можности. Замислете, кај нас децата може да завршат основно, па после да одат во средно. Тоа е прекрасно“, вели Дарко Недељковиќ, израснат и школуван во Заводот, кој сведочи дека со децата што излегле од домот се постапува како со вреќа компири, ги преместуваат од едно на друго место.

Повеќето од штитениците на Заводот се тука од бебиња и единственото семејство за кое знаат е токму она во Заводот, па секоја најава за можно раздвојување ја доживуваат како растурање на семејството. Го избираат Заводот наспроти можноста да бидат сместени надвор од него оти тука се чувствуваат побезбедни и посигурни.

„Нам ни е многу битно да ги почитуваат нашите права. Во Kонвенцијата има дел во кој пишува – имате право да избирате каде да живеете, имате право на говор. Избираме да живееме овде затоа што е најсоодветно за нас. Имаме пристап, имаме создадено круг на луѓе, имаме блиски. Кога ќе дојде моментот, ако јас самиот видам дека работите се сменети и дека институциите правилно постапуваат, не тие како што сакаат, туку како што ние бараме, тогаш, кога ќе дојде времето, ќе разговараме, но во моментот не е таква сликата.

Тука сме побезбедни, посигурни, повеќе можеме да ги истакнуваме проблемите, тука сме да нѐ ислушаат, тие се за нас, не ние за нив. Не може ние да дознаваме од друг медиум дека од нашата институција ќе бидат извлечени тие корисници, тие луѓе од внатре“, вели Недељковиќ.

Зачудени се од изјавите на министерката за извлекување на штитениците од Заводот оти истиот ден и нејзе ѝ ја дале петицијата потпишана од дваесет и петмина штитеници, кои сметаат дека животот им е подобар во Заводот, а која веќе ја испратиле и на претходниот премиер и на претходните министерки.

Одговор на петицијата немаат ниту од претходните ниту од сегашната министерка Јована Тренчевска.

„Затоа се решив на овој чин, да се обратам до вас бидејќи сегашната министерка буквално нѐ игнорира“, вели Недељковиќ.

Министерката Тренчевска не прифати да зборува пред камера за проблемите на штитениците на Заводот, но одговори на прашањата од „А1он“ во пишана форма.

„’Ништо за нас, без нас’ гласи мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Јавните политики мора да бидат креирани и спроведувани со активно учество на лицата со попреченост. И во овој случај секако дека се почитува мислењето на корисниците на услугите на Заводот за рехабилитација ‘Бања Банско’ – Струмица и се прават индивидуални планови за преселба на оние лица што се чувствуваат подготвени и сакаат да го сменат обликот на поддршка, односно да се преселат во станбено живеење со поддршка, или да живеат самостојно или да се вратат кај своите биолошки семејства. Ќе провериме и ќе дадеме соодветен одговор на петицијата“, вели министерката Тренчевска.

Таа објаснува дека сегашните активности се во согласност со стратегијата за деинституционализација „Тимјаник 2018 – 2027 година“, која е долгорочна и дава визија за трансформација на институциите и развој на услугите во локалните заедници.

„Досега во изминатите три години успеавме да ги извадиме од институциите сите деца под 18-годишна возраст, а во следните три години имаме уште поголем предизвик, а тоа е обезбедување грижа во заедницата за сите возрасни лица со попреченост, кои во овој момент се сместени во три социјални институции. Во овој период е воведен и мораториум или забрана за нови сместувања во институциите во државата. Од овие причини секоја институција треба да формира своја визија и план за трансформација“, објаснува министерката Тренчевска по изјавите за неколку медиуми дека делови од Заводот „Бања Банско“ може да се пренаменат во дом за стари лица.

Штитениците на домот велат дека токму одлуката да се извадат од оваа институција лицата под 18 години придонела да се намали квалитетот на образованието што го добиваат оти останале со само тројца наставници, моделот функционирал и биле задоволни.

„Еве јас сум личен пример, дете што тука завршило основно, средно и во моментот е на факултет. Нашата институција е од посебен карактер. Кога веќе станува збор за тој дел зашто, ако сакате една држава да ја уништите, скратете ѝ го образованието. Така е и кај нас. Кај нас Мила Царовска во 2019 година донесе закон што забранува под 18 години да има деца таму. Образованието го скрати до тоа ниско ниво да не може да се прими нов кадар наставници, дефектолози, педагози и други“, вели Недељковиќ.

Поради игнорантскиот однос на Министерството и Владата, Недељковиќ најави дека за состојбата ќе ги извести и помош ќе побара од амбасадите во земјата и од народниот правобранител.

„Ги поканувам сите амбасади и народниот правобранител да дојдат во посета на нашата институција и да им објасниме бидејќи гледаме дека немаме разбирање. Нашето единствено барање е да имаме образование, да имаме идни генерации, не се почитува и ставот дека таа институција не треба да се затвора од многу причини. Ние ќе си ги бараме нашите права до крај“, најави Недељковиќ во име на сите потписници на петицијата.

Заводот „Бања Банско“ има 40 корисници. Осуммина од нив се на возраст до 26 години. Петиција за да останат во Заводот потпишале дваесет и петмина.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска