Девојка од Куманово преку видео објавено на социјалните мрежи апелира до надлежните институции да обезбедат соодветен третман и хоспитализација за нејзиниот татко, за кого тврди дека е зависник од алкохол и има дијагностицирани ментални нарушувања.
Според нејзините наводи, вчера нејзиниот татко ѝ се заканил со убиство на својата сопруга, по што случајот бил пријавен во полиција. Таа вели дека мајка ѝ успеала да се одбрани држејќи тавче со врело масло, со кое го оттурнала напаѓачот.
По интервенцијата на полицијата, мажот бил пренесен на психијатриското одделение во Општата болница во Куманово, каде што во моментот е задржан. Сепак, според семејството, од болницата им било кажано дека може да биде задржан најмногу 48 часа, по што ќе биде пуштен дома. Цветковска наведува дека се обратиле и во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци, но од таму им било кажано дека во моментов нема слободни места поради реновирање на дел од капацитетите.
Во видеообраќањето, Цветковска нагласува дека не бара сожалување, туку итна реакција од институциите.
„Денеска се обраќам како жртва на семејно насилство и како некој кој бара помош од институциите. Не барам сожалување, не барам коментари, не барам никој да ме тапка по рамо. Само сакам да бидам слушната и да добијам помош“, вели таа.
Според нејзините тврдења, нејзиниот татко бил хоспитализиран во Психијатриската болница во Скопје во 2019 година, а минатата година и во Психијатриската болница „Бардовци“. Сепак, како што наведува, семејството во повеќе наврати било информирано дека нема услови за прием или дека состојбата не е проценета како доволно сериозна за подолготрајна хоспитализација.
„Ние сме три жени кои живееме со човек кој постојано се заканува дека ќе нè убие. Имало обиди за самоубиство и обиди за насилство кон нас. Денеска повикавме полиција и цел ден сме по институции, но никој не сака да го прими во психијатриска установа“, наведува Цветковска.
Таа раскажува дека во истиот дом живеат нејзината мајка, баба и братот кој има церебрална парализа и кој, според неа, со години е изложен на истите трауматични ситуации.
„Имам брат со церебрална парализа кој ги преживеа сите овие трауми. Неговата состојба беше многу лоша последната година, често сме по болници, а и таму татко ми доаѓаше во алкохолизирана состојба“, вели таа.
Цветковска додава дека семејството нема финансиски можности да се пресели, а домот во кој живеат е единствено приспособен за потребите на нејзиниот брат и неговата инвалидска количка.
„Не барам некој да ни каже да се отселиме, бидејќи тоа не е реално решение. Барам помош за брат ми и за нашата безбедност пред да биде предоцна“, истакнува таа.
На крајот од обраќањето, таа повторно упати апел до надлежните институции итно да реагираат и да обезбедат соодветен третман или сместување за нејзиниот татко.
„Не сакам да дојдеме до момент кога ќе има жртви. Кажете ми кој е надлежен за ваков случај или помогнете ни да најдеме безбедно решение за брат ми“, порача Цветковска.
