И покрај побараното приведување, Мухамед Зеќири сам дојде во судот, заедно со адвокат. Тој не ги коментираше прашањата, не одговори зошто го склучил договорот кој Обвинителството го спори, ниту дали планира да бега, како што се сомнева Обвинителството. Со насмевка влезе во судот, но без никаков коментар. Зеќири ги избегна новинарите и влезе во Кривичен суд.
Попладнево, за него е издадена наредба за приведување. Кривичниот суд соопшти: „Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“
Од Обвинителството велат дека предлогот за притвор го испратиле вчера.
„Наредбата за која покажувате интерес е како резултат на повеќемесечна предистражна постапка, при што надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази. Во текот на вчерашниот ден беше комплетирана документацијата и јавниот обвинител ја донесе во попладневните часови донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица. Наредбата, заедно со предлозите за определување на мерката притвор веднаш беа доставени до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје согласно надлежноститена поматамошно постапување“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Новинарските екипи со часови чекаа да се појави Зеќири во Кривичниот суд. Утринава, тој за „А1он“ кажа дека не знае дека за него се бара притвор. Во меѓувреме, додека стигне наредбата за приведување, тој преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Влада.
Јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.