ВИДЕО: Министерството за транспорт побара увид на дивоградбата на Матка, можно одземање на ингеренциите на Сарај

Од:

Министерството за транспорт и врски го прекина институционалниот молк во однос на новата дивоградба на Матка. Побара од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да направи увид на сите дивоградби во кањонот, вклучително и на новата платформа во првиот залив по браната на Матка. Во зависност од извештајот што ќе го добијат, од Министерството велат дека не е исклучена можноста да ѝ се одземат ингеренциите на Општина Сарај поради непреземање мерки за спречување на дивоградбите.

„Министерството за транспорт и врски испрати барање до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши увид во дивоградбите во општина Сарај. Потребен ни е извештај од Државниот инспекторат за понатамошните чекори што може да ги преземе Министерството, кои подразбираат и одземање на ингеренциите на Општината доколку се утврди дека надлежните работеле спротивно на Законот за градбата“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Локман Љимани, иако најави, не одговори на прашањата од „А1он“ за дивата платформа во кањонот ниту, пак, кажа кога последен пат направиле увид во работењето на Општина Сарај.

Во меѓувреме, за ненадлежни за новата дивоградба се огласија сите други институции што имаат допирни точки со кањонот, вклучително и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој побара од Општина Сарај да ја урне дивата платформа.

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, не е достапен за објаснување во врска со дивоградбата.

Додека институциите се прогласуваа за ненадлежни, првиот залив по браната на пат кон црквата „Св. Андреја“ на Матка, каде што не е дозволено градење, беше прекриен со метална платформа врз која сè уште се поставуваат штици. На платформата веќе е изграден и мал дрвен објект. Денес, и на градилиштето што ги дочекува посетителите немаше работници, но насекаде беа оставени алатки за работа. Под платформата, пак, закотвени се неколку чамци.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Левица: Дивоградбите во Гази Баба недопирливи веќе два мандати

(ВИДЕО) Цело село во црвена зона поради еден објект: Жители на Горно Врановци не можат да си ги легализираат куќите повеќе од една деценија

Орце Костов

Спасени туристи од Хонг Конг кои се загубиле на Матка

Општина Велес нема да ги урива дивоградбите на Бабуна, ќе спречува да никнуваат нови

Орце Костов

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

Орце Костов

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска