Адвокатот Еленко Миланов кој ги застапува обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски рече дека за овој предмет, немало простор за осудителна пресуда и најави жалба пред Апелација. Тој смета дека пресудата уште еднаш покажува дека Александар Василевски-Нинџа на чиј исказ судот поклони верба, е дежурен сведок во сите предмети, иако тие го оспориле, до како што рече, крајни граници.
„Од образложението кое денес го слушнавме останува нејасно за што е донесена оваа пресуда, дали е оваа пресуда за тоа што се случи на 27 април или за протестите ‘За заедничка Македонија’. Бидејќи, во образложението не слушнав ниту еден момент, ниту еден факт кој што зборува за дејствија на ниту еден од моите тројца штитеници за датумот 27 април. Оваа пресуда уште еднаш покажува дека имаме дежурни сведоци, имаме дежурни лица кои даваат искази и се главни за сите предмети, а тоа е Александар Василевски-Нинџа на кого уште еднаш му се поклонува верба покрај сите факти кои ги изнесе одбраната, го оспори и девалвира тој исказ до крајни граници. Во конкретниот случај, сметам дека не може да има осуда во овој предмет. Така што, било која казна, ние не сме задоволни и не можам да ја коментирам. Ќе се жалиме на оваа пресуда, по добивање на писмениот поднесок“, рече Миланов.
И обвинителката Гордана Смаќоска најави жалба за висината на казните кои судот ги изрече на обвинетите кои се товареа дека го организирале упадот во Собранието на 27 април. Таа рече дека судот многу ги ублажил казните и потенцираше дека според неа најмалата казна требало да е 10 години.