„Аеродром е општина со голем број на млада популација. За жал, досегашната локална власт ги игнорираше потребите на младите. Младите немаат поддршка од општината во својот професионален развој, а не се нудат никакви проекти наменети за нив. Новата власт ќе посвети големо внимание и труд да создаде услови младите да се развиваат и напредуваат. Затоа, голем дел од капиталните проекти од програмата на СДСМ за престојните локални избори се посветени директно за младите аеродромци.
Предвидуваме изградба на средно училиште – гимназија „Кузман Јосифовски ‒ Питу“ и повеќенаменски културен центар во општина Аеродром. Ќе обезбедиме поквалитетно образование и соодветни услови за културен напредок за сите млади во Аеродром.
Нашиот фокус ќе бидат политиките за вработување на што поголем број млади, со цел да ги задржиме да живеат и работат тука. Ќе организираме обуки за самовработување на млади лица. Ќе нудиме финансиска и административна помош за отворање сопствени мали бизниси на лица помлади од 32 години
Ќе обезбедиме субвенции за јавен превоз. Ќе поведеме и иницијатива, во соработка со Градот Скопје, за субвенционирање на јавниот транспорт за сите невработени млади лица.
Ќе ги поддржиме младите спортски таленти. Ќе инвестираме во развој на училишниот и предучилишниот спорт и спортските клубови во општината. Конечно ќе го изградиме затворениот базен, како и спортска сала во Долно Лисиче.
Во буџетот ќе планираме и средства за поддршка на уметничкото творење кај децата и младината. Ќе формираме и фонд за поддршка на културното творештво и издаваштво на жителите.
Најважно од сѐ, во следните четири години, младите ќе бидат директно вклучени во носењето одлуки. Преку Младинскиот совет ќе реализираме проекти и програми од интерес на младата популација. Општината ќе ја поттикнува комуникацијата меѓу младинските организации и изработка на младинска стратегија и акционен план.
Нашиот фокус се реалните потреби на младите. Буџетските средства ќе одат исклучиво во корисни проекти целосно во согласност со нивните потреби. Инвестираме за подобар живот во за сите во општина Аеродром“, изјави Златко Марин, кандидат за градоначалник на СДСМ за Општина Аеродром.