„Оваа година, ние-младите социјалдемократи, 27-миот роденден го одбележуваме со повеќе младински акции за хуманост, солидарност, помош и поддршка на нашите сограѓани.
Наместо прослави и забави, овој викенд, младински хуманитарни акции се спроведоа во 27 Локални клубови на СДММ, во 27 општини ширум Македонија“, рече Ана Манасиева, потпретседателка на СДММ.
„Младите од 27 општини собираа топла облека и обувки, храна, средства за лична хигиена, посетија повеќе семејства и социјално ранливи граѓани на кои им е неопходна помош и донираа.
Младинските акции на СДММ ќе продолжуваат и следната недела. Следуваат неколку еколошки акции, повеќе хуманитарни настани, спортски турнири и слични активности преку кои нема само да ја одбележиме 27 годишнината на СДММ туку преку конкретни активности ќе придонесеме и ќе им помогнеме на социјално ранливите, на нашите сограѓани.
Социјалдемократската младина ги повикува сите млади луѓе кои што ги делат истите вредности, на кои хуманоста, солидарноста, рамноправноста и помагањето им се во срцето да се приклучат во овие акции.
Ајде заедно да помогнеме, да предизвикаме повеќе насмевки, да дадеме придонес во градењето фер и еднакво општество за сите“, изјави Ана Манасиева, потпретседателка на СДММ.