Партиите знаат да ги злоупотребуваат тие емотивни теми при изборите, како прашањето за името. Ова е можеби и најлошиот момент да се покрене тоа прашање, вели професор Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Дали после 23 години од приемот во ОН, кога станавме суверена држава на картата на светот, сега Македонија е на некаква пресвртница кога можеме да ги поткопаме и стратешките евроатлански определби ако продолжиме во оваа насока со оглед на актуелната политичка ситуација?
Премногу долго Македонија се потпира само врз тој меѓународен суверенитет што го доби во 1991 година, имено тој суверенитет требаше да биде исполнет со една внатрешна содржина, а тоа значи да создадевме една демократска држава со внатрешно единство кое е во состојба да функционира во меѓународните односи, во Европа особено, да стане дел од политичките структури на ЕУ и на НАТО, сето тоа се разбира го пропуштивме заради начинот на којшто дома ја водиме политиката. Тешко ни е да ги прифатиме начелата на демократијата, на слободата, во политичкото уредување на земјата, и со тоа перманентно заостануваме, затоа што нашите институции не се во состојба да произведуваат одлуки коишто ќе ја туркаат државата напред и оттаму еве веќе стоиме во место толку години. Прокламираните принципи, стратешки цели – НАТО, ЕУ, ги повторуваме како папагали 23 години, но ништо од тоа не успеавме да оствариме.