Дел од малцинските акционери во акционерското друштво „Макпотрел“ се приклучуваат на кривичната пријава што Министерството ја поднесе против членовите на управниот и надзорниот одбор. Шеснаесет малцински акционери тврдат дека се оштетени и дека фирмата се движи кон банкрот откако е формирано Командантното друштво со акции „Оилко“ кое е во сопственост на менаџерскиот тим на „Макпетрол“ и кое поседува 22,30 отсто од акциите. Некои од акционерите се се уште вработени во компанијата, а некои биле отпуштени изминативе години откако се обиделе да се спротивстават.
Кривичната пријава што ја поднесе МВР, според нив, е последната надеж да ја заштита својата сопственост во компанијата. Велат дека „Макпетрол“ и без тоа оди во стечај, па бараат правда и да се спаси она што се уште може.
„Загрижение сме за судбината на нашата компанија, која доколку не се преземе решителна акција, набрзо ќе банкротира. Факт е дека „Макпетрол“ со години пропаѓа и генерира загуби. Тоа е чудно и необјасниво за најголемата нафтена компанија во Македонија. За тоа е виновен менаџметот“, тврдат акционерите.
Мира Данаилова од Скопје вели дека изминативе години акционерите немале можности да ги искористат своите права во друштвото и биле обврзани полномошното да им го даваат на луѓе назначени од менаџерскиот тим.
-Не ми беше овозможено да одам на собранието, туку морав да потпишувам други луѓе да ме застапуваат. Тие ги штитеа интересите на менаџерите, а не моите. Не најдоа за сходно ниту да ме информираат за одлуките што се носат. Како е возможно седум години по формирањето на „Оилко“ таму дивидендата баснословно да расте, а „Макпетрол“ да покажува загуба, акциите да ни пропаднат и да ни вредат само за бришење прозорци? – прашува Данаилова.
32 години работела во „Макпетрол“ и е прогласена за технолошки вишок по осумесечното боледување што следело по психичкото малтретирање и терор на работното место. Решението и било врачено во 2013 година, првиот ден откако се вратила на работа. Во 2014 година поднела кривична пријава против Саша Лекиќ, член на управниот одбор.
Данаилова јавно прашува зошто институциите не реагираа изминативе години бидејќи „Оилко“ е формирано во 2006 година без одлука на собранието на акционери на „Макпетрол“.
Влатко Трајчевски бил жртва на мобинг во „Макпетрол“ откако проговорил на собранието. Работел во компанијата 30 години и вели дека неочекувано и неосновано добил решение за отказ. На суд ја добил тужбата против ваквата одлука, но настрадала неговата колешка која сведочела во негова корист. Вработената во „Макпетрол“ за сведочењето добила отказ два месеци пред пензија.
-Жал ми е што институциите на системот не реагираа порано. Откако е „Оилко“ формирана, „Макпетрол“ бележи очајни резултати и нема поделено дивиденда. Заборавивме што значи тоа – вели Трајчевски.
Жика Ѓоргиевски од Куманово 30 години работел во „Макпетрол“ и вели дека редовно добивал плати и К-15 се додека не била формирана „Оилко“.
-Од тогаш платите ни се намалија и не се делеше дивиденда. Работевме со загуба иако до тогаш бележевме добивки. Немавме право да одлучуваме со нашите акции, дирекцијата ни посочуваше на кого да му дадеме полномошно и кој да не застапува на собрание. Тоа моравме да го завериме на нотар со наши пари – сведочи тој.
Своето полномошно го дал на друго лице поради што го навлекол на себе гневот на менаџерите. Бил малтретиран и редовно санкциониран се додека не се здобил со право на инвалидска пензија.
Акционерите очекуваат на кривичната пријава да се приклучат останати вработени, малцински или надворешни акционери во друштвото.
-Манипулираат со вработените и ги условуваат поради што се уплашени. Но нема зошто да се плашат, се работи за нивна сопственост – порачува Данаилова.
-Апелирам до акционерите и вработените да не се плашат од промени, туку од сопствениот страв. Време е за одговорност за предизвиканата штета. Да не дозволиме нашиот капитал да се прелева во друга фирма која е зависна од „Макпотреол“. Да не е „Макпетрол“, „Оилко“ нема да постои – посочуваат тие.
Во август годинава, инаку, МВР поднесе кривична пријава против 21 лице поврзани со незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко. Десетте членови на Управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување.
Маја Васева