(ВИДЕО) Лунапаркот во Карпош им избега на обвинителите – како што дојде, така и замина

Од:

Сопствениците на забавниот парк поставен спроти спортскиот центар „Борис Трајковски“ беа побрзи од институциите. Додека инспекторатите беа незаинтересирани, а МВР по налог на Обвинителството проверуваше чии се реквизитите и дали се безбедни – сопствениците се собраа и заминаа. Забавувањето помина без пријави за инциденти, но и без проверка дали на приватната локација смее да работи забавен парк, кој нема добиено никаква дозвола за поставување реквизити. По два дена пакување, денеска и последните два од деветте камиони заминуваат од локацијата.

Скопското Обвинителство пред две недели отвори предмет за лунапаркот, а по укажувањата од „А1он“ упатени кон шефот на обвинителите, Гаврил Бубевски. Тогаш беа издадени и наредбите до МВР по кои и натаму се постапува. Нема конкретен одговор,дали отстранувањето на забавниот парк ќе биде пречка за истрагата да покаже колку биле безбедни реквизитите на кои се забавуваа и малолетници.

„Надлежниот јавен обвинител издаде наредба до Министерството за внатрешни работи да ги направи сите неопходни проверки со цел утврдување на фактичката состојба“, велат кусо од Обвинителството.

„А1он“ стапи во контакт со Комуналната инспекција на Град Скопје, Општина Карпош, на чија територија беше паркот, Државниот инспекторат за градежништво, Министерството за економија, кое ги издава повеќето од дозволите за работа. Сите креваа раце и се прогласуваа за ненадлежни.

Државниот инспекторат за градежништво посочи дека станува збор за привремени објекти и урбана опрема. Па, така, не постапија и тврдеа дека надлежен е градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, или градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тие и од Град Скопје биле известени дека сопствениците на реквизитите немаат дозвола за урбаната опрема и за привремените објекти. Но, останале на истиот став дека немаат никаква надлежност.

„Немаме законска надлежност да се води регистар на издадени управни акти (одобрени и одбиени) за поставување привремени објекти и урбана опрема. За овие управни постапки надлежен е градоначалникот, на чија територија се поставени, а доколку тој ги има предадено надлежностите на Град Скопје, во тој случај надлежен е градоначалникот на град Скопје, а вршењето на инспекцискиот надзор е во надлежност на инспекциските служби при Град Скопјe и овластениот градежен инспектор, во конкретниот случај при Општина Карпош. Поради тоа, ве упатуваме да се обратите до градоначалникот на општина Карпош“, одговорија од ДИГУ за „А1он“.

Со толкувањето на Инспекторатот за градежништво не се согласува Општина Карпош. „А1он“ праша дали инспекциските служби биле заинтересирани да направат проверка, но и тие се прогласија за ненадлежни.

„Импровизираниот лунапарк што го наведувате е поставен на приватно земјиште. Од друга страна, Општина Карпош од ниту еден аспект не издава дозволи за поставување забавни паркови. Во врска со прашањето за безбедноста, тоа е надлежност на техничка инспекција, која е во рамките на Министерството за економија“, одговори градоначалникот Стевчо Јакимовски за „А1он“.

На тврдењето од Јакимовски дека не е нивна надлежност работата на забавниот паркот, се спротивставија и од Министерството за економија. Тие топката ја префрлија кај Пазарниот инспекторат.

„Во врска со вашите прашања сакаме да ве известиме дека Министерството за економија не издава дозвола за работа на лунапарк. За информации, ве молам, обратете се во Град Скопје и во општините. За инспекциски надзор обратете се во Пазарниот инспекторат бидејќи Министерство за економија не врши инспекциски надзор“, велат од Министерството.

Пазарниот инспекторат направил проверки дали сопственикот има фирма и договор за закуп.

„Направен е инспекциски надзор по пријава. Не се евидентирани прекршувања од наша надлежност“, вели директорката на Пазарниот инспекторат, Анета Симеска-Димоска.

По укажувањата од Инспекторатот за градежништво дека контрола врз лунапаркот, кој веќе не постои на таа локација, требало да направи Град Скопје, „А1он“ стапи во контакт со Комуналната инспекција. Тие биле заинтересирани и излегле на терен. Утврдиле дека правното лице занаетчија „Панде Коста Димов луна 10 Битола“ се пријавил дека ги поставил реквизитите. Пред инспекторите тврдел дека имал поднесено барање до Општина Карпош за да постави урбана опрема, но одобрение, како што кажа и градоначалникот Јакимовски – немал.

„Во Град Скопје немаат доставено барање за поставување на опремата. За овој случај писмено е известен Државниот пазарен инспекторат, кој е надлежен за случајот и тој ќе постапи во рамките на своите овластувања“, велат од Град Скопје.

Од скопското Обвинителство, освен иницијатива да се провери како забавниот парк бил поставен, кој дозволил и каква била безбедноста, собираат материјални и вербални докази за постапување од страна на институциите.

„Мора да постојат услови под кои се поставуваат, во однос на озвучување, безбедност, статика. Тоа инспекторатите мора да го проверат. Обвинителството е надлежно за сè што е кривично-правно дејство. Неизвршување на службената должност е едно од дејствата на извршувањето на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Умислено неизвршување на службената должност е дејство со кое се врши кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето“, рече Бубевски во интервју за „А1он“.

Забавниот парк и претходните години беше поставуван на истата локација. Според информации на „А1он“, и тогаш сопственикот на реквизитите ја немал потребната дозвола.

Би можело да ве интересира

Град Скопје: Усвоена одлуката за изградба на Луна парк

А1он

Град Скопје: По Нова година почнува уредувањето на Луна паркот

А1он

ВИДЕО: Талибанци се возат на рингишпилот во луна паркот во Кабул

А1он

Пропаѓаат бекатон плочките на пешачката патека во Карпош 4, по градежните работи од минатата година

Скопје ќе добие нов градски парк на кејот на Вардар

Во стан во Карпош пронајден починат маж