Комплекс на згради, меѓу кои и две 35-катници ќе се гради во Тафталиџе на просторот кај поранешната фабрика „Алумина“.
Општина Карпош објави 3Д-презентации на својата интернет страница за тоа како ќе изгледа просторот кај поранешната фабрика „Алумина“ од околу 42.000 м2 кој пред три години за 18 милиони евра го купи нафтената компанија „Пуцко Петрол“.
Нацртани се осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 и 35 ката. Едната од нив, според предложениот Детален урбанистички план е наменета за деловни простории, додека другата ќе биде станбена зграда. Покрај нив ќе се изградат и две 14-катници, една десеткатница и две згради на 9 ката, сите за домување.
Според 3Д приказот во прилог на јавната презентација на ДУП за Градска четврт 3 06, блок 11, објавен на веб-страницата на Општина Карпош, на просторот ќе се изградат модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу објектите ќе има зеленило и пешачки патеки.
Предлогот на ДУП во моментов е на јавна анкета, која ќе трае до 15 декември, а на 12 декември ќе се одржи и јавна презентација во просториите на Општината каде граѓаните ќе можат да доставуваат и анкетни листови.