(ВИДЕО) Кривичната од Град Скопје не ги исплаши, камиони засилено истураат ѓубре кај Бутел

Од:

Камиони натоварени со градежен шут и земја и понатаму истовараат отпад на депонијата во Бутел и покрај кривичната пријава што инспекторите на Градот ја поднесоа против лице што неовластено фрла смет.

Камерата на „А1 он“ повторно беше во Бутел и ја затекна истата слика од минатата недела, само што овој пат не го начекавме човекот што ги координира камионите. Доаѓаа, исфрлаа земја и си заминуваа. На депонијата имаше група луѓе што чепкаа по отпадот и собираа старо железо, го кршеа бетонот од него да ја извадат арматурата што планираат да ја продадат.

За состојбата со депонијата пред неколку дена алармира семејството Здравкови, кое јавно побара да се стопира неовластеното исфрлање смет бидејќи нивното земјиште многу бргу од ливада се претворило во депонија. Димитар Здравков утрово повторно пријавил во Инспекторатот на Град Скопје и повторно го повика градоначалникот Шилегов, но овој пат да преземе поригорозни мерки да престане ширењето на депонијата.

„Сега имаме уште поголема депонија. Ете таква е состојбата по првата кривична пријава на градоначалникот Шилегов за фрлање отпад. Се пофали дека ги казнил, но наместо да престане исфрлањето на ѓубрето, напротив, тоа продолжува. На секои 5 минути доаѓа по еден камион. Нема ниту полиција ниту инспектори да ги стопираат. Дали важи законот во оваа држава, дали е во ред на ова земјиште, кое се води како зелен појас, да има отпад, каде е зеленилото? Ова ли е чистото Скопје на Шилегов? Не знам што да мислам, но ова ми личи на одобрена работа, се работи преќутно. Не е нормално градежениот отпад од цело Скопје да се фрла овде, од 30 до 40 камиони дневно истовараат ѓубре. Не е нормално никој да не е засегнат со проблемот“, изјави револтирано Здравков за „А1он“.

Првично за депонијата реагираше син му Нино, кој се пожали дека плацот за два месеца му се претворил во депонија со градежен шут што го истурале сопствениците на соседниот плац. Екипата на „А1 он“ пред неколку дена беше таму и забележа како камионите истураа земја и шут, кои ги кординира извесен Цуки, кој се претстави како еден од сопствениците на соседниот плац.

Тој тврдеше дека општинските власти знаат дека се истура шут во Бутел и дека тоа е приватен имот, но нема потреба да бара дозвола од никого за таа намера. Тогаш Нино Здравков ги повика надлежните да излезат на терен да ги казнат сторителите, депонијата да се исчисти, а неговото земјиште да се израмни и да се врати во состојбата пред да биде натрупан сметот.

По објавата на сторијата, се огласи градоначалникот Шилегов, кој рече дека против лицето што неовластено фрла смет е поднесена кривична пријава. Но, очигледно сторителите не ги плашат казните, тие и понатаму продолжуваат да трупаат земја и шут и да ја шират веќе огромната дива депонија.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Жителите на Кочани ја добија битката: Советот донесе одлука да не се депонира отпад од други општини на градската депонија

Катерина Ѓуровски

Пожар во скопската населба Бутел 1, се запали кровна конструкција на барака