Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ВМРО-ДПМНЕ, односно, Унијата на млади сили, одржува трибина на која промовира некакви мерки за младите во Македонија. Замислете, после една декада колку што се на власт, промовираат мерки за младите. Каде беа и што правеа досега? И на кои млади и за кои млади промовираат. Каква иронија од ВМРО ДПМНЕ. Откако ги иселија младите во изминатите десет години, сега тие што останаа ги лажат, демек ќе било подобро ако и по 11 декември останат на власт, рече портпаролот на ОО СДСМ Струмица, Костадин Костадинов.
„Единственото нешто што направија овие злосторници кои во моментот се внатре во центарот за култура, е што се обидоа да го скријат убиството на Мартин Нешковски, да го остават неразјаснето убиството на петмината кај Смилковско езеро, да ги наполнат руинираните студентски домови со стаорци и лебарки, да обезбедат храна за студентите – сув леб и салама со поминат рок. Ете, тоа го направија за младите. Да не го заборавиме и Диме Спасов и неговото холивудско бегство низ улиците на Скопје. Така ли ги учат младите во Унијата на млади сили чиј претседател беше и Спасов, на неодговорно и неморално однесување?
Да потсетиме дека лошите политики на Никола Груевски и неговите соработници се најголемата причина за иселувањето на младите, како од Македонија, така и од Струмица.
Лицемерно е по цели десет години владеење и уништување на иднината на младите, ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на младите сили да даваат лажни ветувања за подобар живот на младите.
Резултатите од фамозните мерки и проекти на Груевски се 626 312 иселени граѓани од кои повеќето се млади луѓе. Пред да излажат по кој знае кој пат, Груевски и неговите послушници во УМС нека ги посетат училиштата и игралиштата низ Струмица. Ќе видат само празни клупи и напуштени игралишта, бидејќи огромен дел од младите решија да заминат од државата.
Единствениот резултат од политиките на ВМРО-ДПМНЕ се илјадници работоспособни млади луѓе кои решија да живеат далеку од Македонија и власта на Груевски. И ниту едно празно ветување, ниту една лага тоа не може да го промени.
Помина времето на лаги и манипулации. Струмичани, а и сите граѓани на Македонија веќе се решени да им стават крај на штетните економски политики на оваа власт.
Токму младите луѓе во Македонија ќе бидат предводници на победата на Македонија против режимот на Груевски.
Ние имаме план – како младите да останат во Македонија. Студентите ќе добијат студенстки град во Скопје со модерни архитектонски решенија за студентските домови. Младите се иселуваат поради неперспективност. Ние сме решени да го спречиме овој негативен тренд. Гарантираме во период од 4 месеци по завршувањето на школувањето секој млад човек ќе добие една од следните три опции: понуда за вработување, можност да го продолжи образованието со поддршка од државата или можност да започне тренинг за подготовка за вработување. Ова се само дел од мерките за задржување на младите.
На 11 декември граѓаните ќе го победат режимот на Груевски и ќе се изборат за живот во Македонија“, рече Костадинов.