Во Кондово во општина Сарај денеска беше отворен нов објект „Фљутура“ на градинката „Филизи“, која е прва градинка во ова населено место. Ќе бидат згрижени 80 деца на возраст до шест години, организирани во пет хетерогени згрижувачко-воспитни групи и за нив ќе се грижат 18 вработени.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпска на отворањето соопшти дека за овој објект од буџетот на МТСП се вложени околу 22 милиони денари во градежни активности и во опрема што ги задоволува европските стандарди.
– Како Влада и како Министерство сериозно вложуваме во сместување на најмладите во претшколски установи. Претшколското образование, воспитувањето и вистинскот правилен психосоцијален развој на децата претставуваат предуслов за изградба на квалитетни личности коишто ќе ја градат нашата иднина, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека до крајот на годината ќе бидат завршени и отворени уште шест нови градинки, со што опфатот на деца ќе се зголеми за дополнителни 455.
Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, како што информира МТСП, изрази особено задоволство што Кондово ја добива својата прва градинка, а втора на ниво на општина, и ја истакна одличната соработка со Министерството за труд и социјална политика и очекување таа и натаму да продолжи.