(ВИДЕО) Комеморација по повод 75 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи: Никогаш да не се заборави

Од:

По повод одбележување на 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна во Скопје се одржа марш под мотото „Маршот на живите“. Учесниците на маршот од Музејот на Град Скопје се упатија кон споменикот посветен на депортираните 7144 Евреи. Во поворката учествуваше премиерот Зоран Заев, придружуван од претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, кој е во посета на земјава.

Маршот почна пред Музејот на Скопје, а заврши пред Тутунскиот комбинат (поранешен Монопол) од каде што во март 1943 година 7.144 македонски Евреи во три депортации со вагони беа однесени во логорот на смртта Треблинка. По пристигнувањето кај споменикот, делегациите и претставниците на здруженијата на Евреите положија цвеќе.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека со оваа комеморација оддаваме почит, се сеќаваме и одбележуваме 75 години од деновите кога 7. 144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, но и од цела Македонија беа собрани во просториите на тогашниот монопол, и испратени на еден пат од кој никогаш не се вратија.

„Нивниот најголем „престап“ беше нивното постоење, нивната култура, нивната традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и предвреме оттргнати од своите најблиски, од својата земја, од своите животи. Геноцидот над Евреите во Втората светска војна беше борба на деструктивни и анти-цивилизациски сили против сета добрина и љубов, против пријателството и човештвото. Холокаустот беше борба против луѓето, слободата и нашето заедништво“, рече Заев.

Тој нагласи дека „нашите сограѓани, Евреите, беа книги на нашето заедничко постоење, испишани со години и векови на историја и традиција, борба и пркос за подобро утре за сите коишто живеат и живееја на овие простори“.

„Нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта Треблинка е повеќе од само симболична. Денес ги повторуваме лекциите од минатото, за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината којшто заеднички го избравме. Омразата не е наш избор. Прифаќањето на различностите, љубовта кон ближниот, но и почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството се вредностите коишто ги прифаќаме со нашите мисли и срца, а ги чуваме со нашите дела. Никогаш да не заборавиме што се случи тука, пред 75 години. Историјата се повторува само за оние коишто стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме. За никогаш да не се повтори“, истакна премиерот Заев.

Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија, во своето обраќање потенцираше дека „масовната егзекуција на невини луѓе за време на Втората светска војна е едно од најтешките злосторства во човечката историја“. Во својот говор тој потсети дека одговорност за одлуката за депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка е одлука на тогашниот генерал на нацистичка Германија Хајнрих Химлер и на германскиот амбасадор во Софија Адолф Бекерле.

„Ние чувствуваме длабока болка и жал поради тоа што не можевме да ја спречиме смртта на тие луѓе. Денес ние сме должни да не ја заборавиме трагичната судбина на жртвите на холокаустот и за бидеме сигурни дека вакви настани никогаш повеќе нема да се повторат“, истакна Борисов.

Претседателката на Еврејската заедница во земјава, Берта Романо-Николиќ, во обраќањето по повод сеќавањето за Холокаустот на Евреите од Македонија нагласи дека геноцидот на цел еден народ во Втората светска војна останува општо мерило за тоа што може да предизвика злото што се крие во човекот. „Без сеќавање нема иднина, во име на иднината проштеваме, но не забораваме зашто и страдањата на тие луѓе се наша одговорност“, рече таа. Комеморацијата по повод 75 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со молитвите Ашкава и Кадиш, и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје.

Би можело да ве интересира

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи

Ана Ололовска

Нетанјаху: Холокаустот никогаш повеќе нема да му се случи на нашиот народ

А1он

Путин: Русија е категорички против заборавање на нацистичките злосторства

Делегација на ОАЕ за прв пат ќе се приклучи на маршот на Холокаустот во Полска

А1он

Комеморација по повод 77-годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау

А1он