Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески заедно со заменик министерот за економија Христијан Делев, вчера на прес – конференција за медиумите во Скопје пред јавноста се жалеше за лошата кампања против Охрид, „за наводно скапите цени, лошиот квалитет на услугите во угостителските објекти и лошото однесување на персоналот во истите“.
-Се почна минатиот месец со наводно скапите цени на угостителските услуги, иако истите на пример се најмалку 2-3 пати поевтини од Грција за иста класа на хотели, ресторани и кафе барови. Потоа продолжи со лошиот квалитет на услугите, однесувањето и слабата едуцираност на персоналот во угостителските објекти и хотелите – рече Бакрачески на вчерашната прес – конференција.
По се изгледа брзо се заборави дека таа кампања против Охрид не започна минатиот месец туку две години наназад со промовирањето на таканаречените „едукативни спотови“ финансирани токму од Владата на Република Македонија. Токму Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, започна во јавноста да пропагира најпрво како туристичките работници кои нудат сместувачки капацитети наводно се однесувале непристојно кон туристите и имале лош пристап.
Потоа излегоа и пропагандни спотови со наводната лоша услуга на персоналот кој работи во угостителските објекти, а охриѓани кои издаваат соби и апартмани беа претставени како некултурни и кои сакаат само да заработат.
Во однос на високите цени, токму Бакрачески минатата година по одржаната седница на Локалниот Економски Совет констатираше дека цените во Охрид се високи и тогаш потенцираше дека мора да се изнајдат можности за корекција на цените.
-Мое лично убедување е дека цените на угостителските услуги се повисоки и дека имаме недоволно изградени пакет аранжмани. Имиџот на Охрид во моментов е многу лош, јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека цените на угостителските услуги се превисоки и ние мораме да го прифатиме предизвикот и да преземеме мерки и активности за подигнување на имиџот – истакна минатата година градоначалникот Бакрачески.
Рекламните спотови кои секојдневно беа пуштани во етерот и тоа со народни пари и самите изјави на политичарите најмногу имаа влијание за лошиот имиџ на Охрид, а истите реклами сеуште се емитуваат. Дали и кој ефект го постигнаа?
Исто така, иако минатата година се постави предизвикот за промена на туристичката стратегија за развој на туризмот, годинава на сред сезона, слушнавме повторно дека Охрид нема стратегија. Ова треба да биде црвено светло за изнаоѓање на вистинскиот пат за успешна сезона наредната година.
Ф.Ј.