ВИДЕО: И СДСМ ќе го блокира Изборниот законик, Филипче вели дека отвора врата за изборна кражба

Од:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска соопшти дека неговата партија ќе го блокира предложениот Изборен законик, оценувајќи дека предложените измени не се во согласност со европските и демократските стандарди и дека создаваат ризик од злоупотреби во изборниот процес.

„Ваков закон не смее да донесе ова Собрание. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат фер и демократски изборен процес, а не контролиран процес каков што, според нас, се обидува да воспостави власта“, изјави Филипче.

Тој потсети дека СДСМ се повлекла од работната група за подготовка на Изборниот законик, откако, како што рече, власта без консензус со опозицијата го изменила Законот за Владата и правилата за функционирањето на т.н. пржинска влада.

Според Филипче, меѓу најспорните предлози е воведувањето електронско гласање за дијаспората.

„Се предлага електронско гласање за дијаспората без јасно утврдени механизми за проверка на идентитетот. Тоа отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање и можност за изборни манипулации“, рече тој.

Филипче оцени дека предложените измени ја нарушуваат и тајноста на гласањето, бидејќи, според него, се предвидува гласачкото ливче да се смета за важечко и доколку кандидатот е означен на друг начин, а не само со заокружување на редниот број.

Тој притоа се повика на случај од минатото, кога во јавноста беа објавени разговори во кои се споменуваше означување на гласачките ливчиња со различни симболи, што, според него, може да овозможи контрола врз гласачите.

Како дополнителен проблем, лидерот на СДСМ го посочи и предлогот според кој приговорите за изборниот процес би се разгледувале само ако се внесени во записниците од избирачките одбори.

„Ако некој не дозволи приговорот да биде внесен во записникот, тогаш тој нема да може да биде разгледуван од Државната изборна комисија. Со тоа се ограничува можноста ДИК целосно да ги разгледува евентуалните неправилности“, изјави Филипче.

Тој најави дека СДСМ ќе ги искористи сите парламентарни механизми за да го спречи усвојувањето на предложениот Изборен законик.

Би можело да ве интересира

Претседател на фиктивни картички за гласање испазарен со ВМРО-ДПМНЕ, Платформата му одговори на Филипче

(ВИДЕО) Филипче ја нападна платформата „12:05“: Шизофрен собир на пучисти, шемаџии и сателити на Мицкоски

Катерина Ѓуровски

Петрушевски: Филипче и СДСМ да не бараат виновници за нивниот циркус

СДСМ: Добивме опомена за тужба од АТС Груп и Шефшет Демировски, нема да се извиниме

Филипче од Свети Николе: Криминалната власт ги остави граѓаните без помош, а земјоделците ги извиси

Филипче: Се сомневам дека оваа влада воопшто сака да го продолжи европскиот пат