ВИДЕО: Граѓаните оставиле најмалку 25 милиони евра во приватните лаборатории само за ПЦР-тестови

Од:

Доколку добиете симптоми на Ковид-19, а матичниот лекар се обиде да ви најде термин за да се тестирате на државна сметка, невозможно ќе биде тоа да се направи истиот ден, а мала е веројатноста тоа да се направи и наредниот. Во пикот на корона-кризата матичните лекари речиси и воопшто не се обидуваа да најдат термини за тестирање на државна сметка знаејќи дека тоа претставува невозможна мисија, а редиците пред приватните лаборатории се полнеа. Дури и сега, кога стивна и четвртиот бран, граѓаните сѐ уште се жалат дека термини за тестирање нема.

„Вчера се јавив кај матичната, не ме примаат на преглед со симптоми, треба тест. Побарав да ми закажат, нема термин. Синоќа правев брз тест, беше негативен. Денес, си отидов приватно за ПЦР. Едноставно, морав ова да го направам и поради себе, а уште повеќе поради другите што се потенцијално загрозени“, пишува жителка на Скопје во групата за ковид-искуства и совети.

Дури и сега, кога стивна и четвртиот бран, граѓаните сѐ уште се жалат дека термини за тестирање нема

Преку системот „Мој термин“, ако се обидете да најдете слободен термин за тестирање на некои од пунктовите во центрите за јавно здравје, ќе забележите дека во некои градови во државата ќе треба да почекате и четири дена, време во кое симптомите на Ковид-19 може да се развијат.

Во Битола, Велес, Тетово, Струмица – термини има, но ако сакате да се тестирате во центрите за јавно здравје во Прилеп, Охрид, Гевгелија, Штип, Кочани, ќе треба да почекате 2 дена, во Кавадарци и Свети Николе – три дена, а во Куманово и на пунктовите во Чаир и Јане Сандански и четири дена.

Во неможност да чекаат граѓаните спасот го бараа и сè уште го бараат во приватните лаборатории. Често се случуваше оние што немаа да платат да го прележат коронавирусот додека да го дочекаат терминот за тестирање. Од една страна, со самото тоа што лабораториите почнаа да вршат тестирања на Ковид-19, се забрза дијагностицирањето, а со тоа и навременото изолирање кај заразените, но од друга, се покажаа дефектите во системот, кој не успеа навремено и успешно да се справи во делот на тестирањата. Министерството за здравство во текот на целата корона-криза во државата ниту еднаш не призна дека се соочува со недостиг од ПЦР-тестови, но тоа што термини нема покажува дека некаков проблем сепак постои.

„Немањето ни приближно доволно ПЦР-тестови на државно е директна атака врз здравјето на народот и флагрантно кршење на човековите права! Ниту може рано да дијагностицираме ниту, пак, да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода, да го цитирам Филипче: ‘да изгори епидемијата’. Што да правам со симптоматски пациенти во тие неколку дена, па и една недела, додека чекаат термин за тест? Молкот на фелата е недозволив“, изјави д-р Ненад Лазаров, матичен лекар.

Матичните лекари се револтирани што, особено во корона-кризата, се претворени во административни службеници на државата и на Министерството за здравство. Се жалат дека играат брзи прсти секој петок кога се пуштаат термините за тестирање, а врзани се за компјутерот и со закажување за вакцинација, специјалистички прегледи, лаборатории…

„Јас, еве, денес закажувам тестирање за петок. Се чека и сега, а во пикот се чекаше и по 7 до 10 дена за тестирање. Ако некој не верува, еве нека дојде со мене да отседи една смена од осум часа, да се обидуваме да закажуваме, да одговараме на повици, на нарачки, да ги згрижиме оние што се исекле, па дошле да побараат помош оти функционираме како ургентни центри, да им отпечатиме сертификати за вакцинација на оние што доаѓаат за нив… најмалку време останува да им посветиме на болните. Нема доволно термини. Државата не успеа добро да го изменаџира тестирањето. Се случуваше пациентот веќе оздравен да оди да го прави тестот оти чекал една недела за тестирање, период во кој јас веќе сум му дала терапија доколку имало потреба“, вели матичната лекарка Лилија Чолакова-Дервишова за „А1он“.

Таа вели дека решението на проблемот со тестирањето е многу едноставно. Сѐ што треба да направи јавното здравство е да се угледа на приватното.

Ги оставивме граѓаните да плаќаат двојно. Им се одвојува за здравствено осигурување, а принудени се да плаќаат тестови во приватното здравство, вели Чолакова-Дервишова

„Како што можеа приватните лаборатории за миг да се организираат и да ги изменаџираат потребите на граѓаните, така можеше и јавното здравство. Приватните закажуваат истиот или најдоцна следниот ден, за земање примероци одат и во други градови, освен таму каде што им е лабораторијата, и успеваат истиот ден да дадат и резултат. Ако на ист начин се менаџира и во државните капацитети, ќе имаше доволно тестови за сите што имаа потреба од нив. Вака само ги оставивме граѓаните да плаќаат двојно. Им се одвојува за здравствено осигурување, а принудени се да плаќаат тестови во приватното здравство“, вели Чолакова-Дервишова.

Таа смета дека токму корона-кризата укажала на неопходни, сериозни реформи во здравствениот систем за кои тврди дека не може да се направат од фотелја, туку на терен заедно со лекарите и со пациентите. Токму недостапните тестови за осигурениците, Чолакова-Дервишова вели дека укажуваат оти здравственото осигурување треба да биде избор на пациентот што ќе го плати онаму каде што ќе му биде обезбедена услугата.

И не се само ПЦР-тестовите оние кои „удрија“ по џебот на граѓаните. Доколку пациентот е позитивен на Ковид-19, тогаш во голем број случаи имаше неможност да се закаже термин во јавното здравство во текот на целата пандемија и за голем број други, скапи анализи. Граѓаните по приватните амбуланти и клиники плаќаа за рентген, анализи на крв, проверуваа антитела, Д-димери и сл., нешто што треба да биде редовен протокол за следење на здравствената состојба на ковид-пациентите, најмалку еднаш до двапати за време и по заразата.

Речиси половина од ПЦР-тестовите во државата се направени во приватните лаборатории

Просечната цена на ПЦР-тест во приватните лаборатории е изнесува 2.640 денари

„А1он“ и Институтот за комуникациски студии ги анализира приходите на приватните лаборатории во државава само од ПЦР-тестови од почетокот на корона-кризата до пред неколку дена, односно до 11 октомври.

Пресметките ги направивме за десетте најголеми лаборатории, односно за оние што имаат направено повеќе од 6 илјади ПЦР-теста, во периодот од март-април 2020 до 11 октомври 2021 година, со тоа што дел лаборатории, како на пример „Никоб Лаб“ се отворија подоцна и започнаа да вршат ПЦР-тестирања од јуни годинава. Во пресметките не се вклучени државните лаборатории, односно Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, ГОБ „8 Септември“, Судска медицина итн., иако и таму некои од граѓаните што немаа упат услугите за тестирање ги плаќаа приватно.

Со оглед на тоа што секоја лабораторија има започнато да врши ПЦР тестирања во различен месец од почетокот на корона-кризата, предвид е земена бројката на тестови од извештаите на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.

Во ноември минатата година ПЦР-тестовите беа поскапи и се движеа од 3.950 денари („Жан Митрев“, „Биотек“), 2.700 денари во „Систина“, 3.000 денари во „Авицена“… Сега ПЦР-тест чини од 1.600 денари во „Никоб лаб“, 2.000 денари во „Авицена“, 2.200 денари во „Синлаб“, 2.100 денари во „Систина“, 2.900 денари во „Жан Митрев“.

Министерот за здравство, Венко Филипче,  во неколку наврати упатуваше апел до приватните лаборатории да ги намалат цените на тестовите за Ковид -19, потенцирајќи дека во ситуација на ваква здравствена криза, профитот не е најважен.

Сепак, тој изјавуваше дека како државни здравствени власти,  немаат никакви можности да влијаат на приватните лаборатории за намалување на цените.

„Во текот на целиот период на пандемијата, нашите цени се намалија за 30 отсто , а кај останатите лаборатории цените се намалија и до 50 отсто, така што цените на пазарот за молекуларен тест за Ковид-19 сега се приближни или еднакви“, велат од лабораторијата „Авицена“.

„А1он“ и Институтот за комуникациски студии од сите досегашни цени на ПЦР-тестови ја пресметаа просечната, која изнесува 2.640 денари.

Лабораториите во текот на корона-кризата во земјава направиле 594.725 ПЦР-теста. Ова значи дека граѓаните во десет приватни лаборатории оставиле над 25,5 милиони евра од почетокот на пандемијата, и тоа само за ПЦР-тестирања.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, во земјата до 11 октомври годинава се направени 1.326.737 теста на Ковид-19. Од нив, 195.132 или 14 отсто биле позитивни.

Со голема бројка во направените тестови учествуваат и брзите антигени тестови (348.396), кои подоцна почнаа да влегуваат во статистиката на ИЈЗ, а и подоцна беа вклучени во практика.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во октомври минатата година извести дека преку кредит од Светската банка се обезбедуваат 45 милиони денари, или над 730 илјади евра, за брзи тестови кои ќе чинат помалку од 1000 денари и ќе бидат наменети за сите болнички установи каде што ќе има потреба од брз тест. Оттаму, и сега, исто како и претходно, одговорија дека дека државното здравство никогаш не било соочено со недостиг од ПЦР-тестови.

Министерот за здравство, Венко Филипче,  во неколку наврати упатуваше апел до приватните лаборатории да ги намалат цените на тестовите за Ковид -19

„И сега, и во најголемите бранови од ковид пандемијата, државните здравствени установи секогаш биле снабдени со потребен број  ПЦР тестови. Никогаш не се случило да нема ПЦР тестови. И во моментов има доволен број ПЦР и брзи тестови. Дневно отворени се по 900 термини за тестирање, 670 термини се за ПЦР тестирања, а 230 термини се за тестирање со брзи антигенски тестови. Со оглед на фактот дека се намалува бројот на новодијагностицирани со ковид, многу често, термини за ПЦР тестирања на дневно ниво остануваат непополнети. Во Скопје ПЦР тестирања се вршат на девет пункта, во поликлиниките во Јане Сандански, Чаир и Ченто. По епидемиолошка проценка, тестирања дополнително се вршат и во Центарот за јавно здравје во Скопје, Институтот за јавно здравје како и во ковид центрите во болниците во државата“, изјавија од Министерството.

Во европските држави се укинуваат бесплатните брзи тестови за да се стимулира вакцинацијата

Во голем број држави во светот брзите тестови беа бесплатни за граѓаните со цел побрзо дијагностицирање на заразените. Во Германија, на пример, секој граѓанин можеше да се тестира еднаш неделно бесплатно на Ковид-19 во една од многуте аптеки, ординации или импровизирани центри за тестирање. Резултатот од брзиот тест за антиген пристигнува во рок од 20 или 30 минути, обично преку е-пошта.

Од 11 октомври Германија ја укина оваа мерка за лицата што нема да се вакцинираат, а образложението е дека на овој начин луѓето ќе бидат мотивирани да се вакцинираат. Тестирањето останува бесплатно за деца, бремени жени и луѓе на кои не им е дозволено да се вакцинираат од медицински причини, како и оние што се ставени во карантин, па сега треба да добијат негативен резултат.

Во Германија секој граѓанин можеше да се тестира еднаш неделно бесплатно на Ковид-19 во една од многуте аптеки, ординации или импровизирани центри за тестирање

Во Словенија брзите антигенски тестови исто така беа бесплатни, а почнаа да се наплатуваат од август годинава со цел владата да стимулира побрза вакцинација на населението против Ковид-19. Сепак, оние на кои им треба тестирање поради работата што ја вршат се ослободени од плаќање. Бесплатно тестирање сè уште е можно за угостителите, педагошките работници, вработените во продавниците и старските домови и други социјални институции, како и вработените во здравствените институции.

Во Србија, пак, приватните лаборатории не можеа да изработуваат ПЦР-тестови, а на сопствено барање тоа можеше да се стори на Институтот „Торлак“ во Белград или во заводите за јавно здравје во целата држава. Приватните лаборатории долго време бараа да бидат вклучени во процесот на тестирање на населението на Ковид-19.

Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, минатата година рече дека условите што една лабораторија треба да ги исполни за да изработува ПЦР-тестови се исклучително сложени.

„Инспекцијата на Министерството за здравство проверува дали тие лаборатории ги исполнуваат сите услови. Кога даваме дозвола, мора да гарантираме дека ќе се изврши сè што е потребно за да не се случи вирусот на еден или на друг начин да излезе од лабораторијата и да се прошири“, рече тогаш Лончар.

Подоцна, премиерката Ана Брнабиќ рече дека лиценцирањето на ПЦР-тестирањето за приватните лаборатории е „толку опасно и чувствително прашање“ што мора да се внимава да се заштитат луѓето што ги прават тестовите.

„Во овој момент јас не знам ниту една приватна лабораторија, нека ме поправат ако грешам, што ги исполнува условите што ги имаме во државните лаборатории. „Овие лаборатории се во станбени згради, дали треба мострите да се обработуваат таму?“, рече Брнабиќ.

Во пресрет на новата учебна година во Грција, пак, се донесе одлука невакцинираните ученици да имаат можност од аптеките да подигнат шест бесплатни антиген-теста, кои се задолжителни двапати седмично за следење на наставата.

Оваа содржина ја изработи порталот А1.он  во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира британската амбасада во Скопје

Би можело да ве интересира

Сопствениците на ноќни клубови најавија граѓанска непослушност

А1он

487 нови позитивни случаи, вкупно 20 починати лица

Ана Ололовска

Тестираните 68 ученици од „Зеф Љуш Марку“ се негативни, скрининг се спроведува и во училиштето „Панче Караѓозов“

Ана Ололовска

Почнува скринингот на скопските средношколци

Ана Ололовска

Осум починати и 472 новозаразени од Ковид-19

А1он

Нови протоколи за работа за кафетериите и рестораните

Предраг Петровиќ