Ако секое дете носи радост, тогаш во изминативе неколку дена Струмица ја помножи својата радост со бројот 230. Токму толку сте Вие – децата од Европа и Светот, кои реализирајќи еден убав проект во нашиов град, оставивте значаен белег кој ќе се памети и ќе претставува добар пример за тоа како на љубовта се возвраќа со љубов, рече денеска градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев на завршниот дел од меѓународниот хуманитарен проект за изградба на детски игралишта во Струмица.
Во овој меѓународен хуманитарен проект беа вклучени 228 деца – тинејџери од училиштата во Западна Европа заедно со нивните раководители, лидери и капитени. За период од пет дена, а со помош на своите врсници од училиштата во Струмица, тие изградија и монтираа елементи со кои се внесоа нови содржини во дворните места во општинското основно училиште „Сандо Масев“ и во два клона на детската градинка во Струмица.
– Овој проект на германската невладина организација „Yang life” слободно може да го наречеме „Од децата за децата“. Има ли нешто поубаво од тоа децата да прават корисни нешта за своите врсници и притоа меѓусебно да се дружат. Забавните реквизити што како плод на вашиот ангажман ги оставивте во ООУ Сандо Масев, во две градинки во Струмица и во уште три села од струмичкиот регион остануваат сведоштво за една позитивна енергија што вие децата ја поседувате. Вие доаѓате од различни земји, вие зборувате на различни јазици, вие презентирате различни култури, но вие на најдобар можен начин покажувате на дело дека најлесно ги бришете границите и ги рушите бариерите. Тоа го можат само оние кои носат чисти души и кои добро знаат дека и покрај разликите, заеднички именител им е зборот дете. Како градоначалник на Струмица сум неизмерно среќен што мојот град и општина, знаеше да препознае во Вас вистински градители на детската среќа и радост. Од мое лично име, од името на сите граѓани на Струмица а особено од името на децата, бескрајно ви благодарам. Со надеж дека ќе понесете убави спомени од питомината на Струмица и Македонија ве уверувам дека портите на нашиот град секогаш ќе ви бидат отворени, рече градоначалникот Заев.