Никола Рибароски е магистер на Градежниот факултет во Скопје кој не може да ја премолчи партиската вмешаност при вработување во јавните институции. Тој конкурирал три пати на огласите на Јавното претпријатие за државни патишта и морал да ги помине сите тестови вклучајќи го и партискиот, да се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ и да ја приложи членската книшка како услов за вработувањето. И покрај тоа што ги исполнил овие неформални критериуми, сепак не го добил работното место иако бил највисоко рангиран на листите на кандидати.
Рибароски има четиригодишно искуство во Агенцијата за катастар преку проект поддржан од Светска банка. На местото стручно лице за консултации работел четири години, пред да аплицира по прв пат на огласот на јавното претпријатие на местото извршител, односно советник за градби и советник за инвестиции.
По изврешените тестови бил рангиран како најспособен и најсоодветен за овие позции, но местата ги добиваат апликантите под него. Тестовите, вели тој, се друга приказна. Освен што се на трошок на кандидатите, прашањата се нелогични, па на психолошкиот тест морал да одговори „Дали би летувал во Сан Франциско“, за да биде прогласен за психолошки способен.
Истото сценарио го преживува три пати, но на третиот оглас ранг листата се менува и како прворангиран се појавува име на апликант кој првиот пат бил веќе примен на огласеното работно место. Во меѓувреме Рибароски морал да извади членска книшка од огранокот на ВМРО-ДПМНЕ во општината во која што живее. Дополнително му било речено да потенцира дека е член на ВМРО-ДПМНЕ во писмото што го испратил до премиерот, Никола Гревски, кога и по трет пат бил одбиен на конкурсот на јавното претпријатие. Од кабинетот на премиерот му одговориле дека не можат да го примат затоа што премиерот е зафатен и дека жалбата му е неоснована затоа што изборот е извршен според законите.
Рибароски вели дека истото го доживеал и во Агенцијата за катастар каде претходно бил ангажиран.
– Два пати конкурирав во Агенцијата, но место мене беа примани други луѓе. Државата, значи, преку проект те ангажира тебе, а за вработување не те прима тебе, туку прима други луѓе. И таму раководители на сектори ми велеа да извадам партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ за да ми помогнат во вработување – вели тој.
Проблемот е, посочува, тоа што и покрај притисоците, дискриминацијата и непотизмот, тој не може по судски пат да си ја побара правдата затоа што законот дозволува фирмата да одбере било кој од кандидатите и нема обврска да го вработи прворангираниот. Потребна е промена, додава, на законската регулатива за да се превенира и спречи партиската условеност при вработувањата. Тој е модератор на фејсбук страната „Стоп за партиските вработувања“ каде граѓаните со слични проблеми можат да ги споделат своите искуства.
Маја Васева