(ВИДЕО) Ѓорѓиевски: Монтажната гаража во Расадник се градела на диво, некој ќе одговара

Од:

На темели остана монтажната катна гаража во скопски Расадник, Кисела Вода. Жителите се жалат дека шест месеци, откако почнала изградбата, тие немаат каде да паркираат оти и она малку што го имале им е одземено за изградба на гаражата. Градежните работи со месеци се запрени. Новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вели дека неговиот претходник почнал да гради насилнички, без одобрение за градба, за кое вели дека сега е обезбедено, и очекува до Нова година или во текот на јануари гаражата да биде изградена.

„Во минатото, во предизборна кампања, популистички се започна да се копаат темели и се поставија на неколку позиции бетонски блокови за изградба на монтажна гаража која би можеле граѓаните да ја употребуваат. Де факто недостасува монтажна гаража во Расадник, но и на многу други локации, но за сето тоа е избегната законската процедура, односно нема одобрение за градба. Тука е навлезено, потенцирам, за популизам, без притоа да се запазат законските обврски. Единствено што имаат донесено во минатото со одлука на Совет е согласно членот 73 од Законот, став 21, а тоа е одобрение за линиска инфраструктура, инфраструктурни објекти под коишто спаѓаат градби без одобрение за градење, односно градби за привремено сместување работници покрај пат, модуларни болници и ред други работи кои не соодветствуваат со она што треба да биде таму “, вели градоначалникот Ѓорѓиевски за „А1он“.

Тој уверува дека реализацијата на овој проект ќе продолжи, но им требало време за да ги добијат сите дозволи.

„Ние пристапивме кон законска процедура и затоа е одолговлечена целата постапка. Во понеделник поминуваме одлука на Совет со која подоцна ќе можеме да издадеме одобрение за градба, а одлуката на Совет ја поминуваме со претходна согласност од Град Скопје. Јас, прво, живеам таму, непосредно до паркиралиштето и секое утро излегувајќи од дома соседите ме прашуваат и се трудам да им објаснам она што било незаконски спроведувано и насилнички во минатото без да се води сметка за безбедноста на граѓаните, сега се трудиме да го исправиме и практично ние ја немаме забавено процедурата, туку ја почнавме процедурата од нула “, објасни градоначалникот Ѓорѓиевски.

Филип Темелковски, поранешниот градоначалник на Кисела Вода, вели дека градел законски, а работите биле стопирани поради изборите

Поранешниот градоначалник на Кисела Вода, пак, Филип Темелковски, вели дека градежните активности за гаражата запреле поради изборите, а истовремено одлучиле да побараат и мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Почнале да градат без ова мислење оти имале две законски можности да се почне со градба од кои едното не ги обврзувало да го побараат оти станувало збор за монтажен објект.

Во Кисела Вода во тек е ревизија на досегашното работење во Општината, а новиот градоначалник очекува да се утврди и одговорност за катната гаража.

„Таму имаше кршење на законот и затоа откако ќе ја спроведеме ревизијата верувам дека некој ќе има одговорност затоа што таму почнале на диво да работат луѓе кои немаат одобрение за градба“, најави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Гаражата од проект до готов производ ќе ја изведе „Факом “ за околу 390.000 евра. Избрана била уште во 2020 година, кога требало и да ја изгради, но поради пандемијата договорот бил продолжен. И продолжениот рок е истечен, требало да биде завршена до 10 септември, но градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека повторно ќе го продолжат.

Би можело да ве интересира

Жителите на улица Народни Херои на протест – блокада на булеварот Борис Трајковски

Горан Наумовски

Запаленото возило од „Расадник“ е во сопственост на суспендиран полицаец

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пиромани во Кисела Вода: Се палат автомобили на паркинзи, изгоре и расадникот

A1on

ОЈО: 31-годишен маж се обидел да силува жена во Кисела Вода

Горан Наумовски

Поништена одлуката за изградба на 12 габаритни згради во Црниче, информира Ѓорѓиевски

A1on

Тројца мажи се истепале во Кисела Вода