Професорот по меѓународно право, Љубомир Фрчковски, вели дека постои реална можност да биде уапсен лидерот на опозицијата, Зоран Заев, по вчерашната кривична пријава против него поднесена со обвинение дека оддал државна тајна. Фрчковски смета дека донација не може да се класифицира како државна тајна и дека тоа е апсурдно објаснување, но, вели, не треба сериозно да се третираат оправдувањата на оние кои, според него, се фатени во кражба и во поткуп.
МВР, смета тој, со оваа кривична пријава потврди дека разговорите од бомбите на опозицијата се автентични, но тоа, вели е само индиректна последица и дека нема да има пошироки последици за настанатата ситуација. Според него има две опции за излезе од политичката состојба, или владејачката партија ќе воведе крвава диктатура или самоиницијативно ќе ги предаде мандатите.
– Чашата ќе биде прелеана ако тргнат кон затворање на шефот на опозицијата. Ќе се собере и внатрешен и надворешен притисок и од таму нема враќање назад. Диктатурата со овие бомби толку се разоткрива што може да се обидат да го спречат. Има уште неколку компримитирачки бомби, како Младенов, лустрацијата и името. Верувам дека опозицијата има начини и во најлоша ситуација да продолжи со нив, но не смеат да го дадат шефот на опозцијата на малтретирање и на апсење во ваква диктатура – вели професорот.
Што се однесува до кривичните пријави што ги поднесува МВР, тој вели дека не ги есапи никој ни од домашната ниту од странската сцена затоа што се несериозни од правен аспект. Како и да е, посочува дека може да бидат сериозни од политичко полициски апскет.
Според професорот во овој момент е потребно граѓанско дејствување кое ќе се спротивстави на политичката моќ концентрирана во владејачкиот врв.
– Но ќе мора и странците да одлучат која е нивната позиција. Овде се работи за преговарање за капитулација на криминална структура, а не за преговарање на политички опции. Мора да ги земат под рака и да им речат ова се вашите опции немате други, а не формални и безвезни преговори од кои ништо нема да се случи без сериозни посредници. Немаме тука преговарање меѓу демохристијани и социјалдемократи, туку меѓу криминалци и нас сите останати. Опозицијата во случајов само не претставува – смета Фрчковски.
Тој очекува да се засили притисокот од меѓународната заедница затоа што, вели, Европска унија нема да дозволи со европски пари да се градат „мали, бастијални диктатури.“ Тоа, додава, ќе коинцидира со растотот на незадоволството кај граѓаните.
– Ќе видиме како на терен ќе изгледа кај нас оваа политичка пролет. Шефот на опозицијата тоа го прави добро, на начин на кој целосно се излага. Тоа е личен пример што импресионира. Тоа се бара од политичарите, Заев во случајов прави саможртва и израсна во една херојска фигура на оваа транзиција – посочува тој.
Маја Васева