(ВИДЕО) Емра Куртишова: Не ми дозволија да патувам само затоа што сум Ромка

Од:

На 28-годишната Емра Куртишова, талентирана актерка, вработена во Театар за деца и младинци во Скопје, вчера и’ беше забрането да ја напушти државата и да отпатува во Германија кај својата сестра. Таа имала уреден пасош и авионска карта, но, службеникот на аеродромот „Александар Велики“, ја поништил нејзината авионска карта и ја вратил да си го земе багажат. Бидејќи не само што имала патни исправи, авионска карта, пари, туку и гарантно писмо, таа е убедена дека службеникот така одлучил затоа што е Ромка и вели дека се работи за очигледен случај на дискриминација.

– Не постои ниту една причина зошто бев вратена од скопскиот аеродром. За 28 години никогаш не сум се осетила толку понижена, не сум се почувствувала толку посрамена. Ги имав сите потребни документи, но службеникот бараше „влакно во јајцето“ само за да не ме пушти во авионот, вели Куртишова за А1 он.

Од потребната документација Куртишова имала потврда за работа од Театарот за деца и младинци каде што е постојано вработена, копија од гарантно писмо во кое било наведено дека финансиски ќе биде издржувана од нејзината сестра, печат од градот и 500 евра во кеш.

Емра раскажува дека службеникот на пасошка контрола ја прашувал каде е Театарот за младинци и што работи таа таму.

-Ме однесе во една просторија, ми ја поништи картата, направи копија од мојот пасош, ме симна долу и ми рече да си го пречекам багажот. Поголем срам никогаш не сум се почуствувала. Јас бев единствената на која не ѝ беше дозволено да отпатува, раскажува Емра.

Куртишова требаше да престојува во Германија од 19 јули годинава до 27 август, за да и помага на нејзината сестра која има патолошка бременост и треба постојано да одмора.

Таа за А1 он вели дека ќе тужи, а случајот ќе го пријави кај народниот правобранител, во Хелсиншки комитет за човекови права и во други институции.

На својот Фејсбук профил Мирјана Најчевска го коментираше овој случај

„Ова е директна дискриминација. За ова треба веднаш да се оди на суд, а граничната полиција ќе мора да докаже дека тоа што го направиле не е дискриминација. Меѓутоа, со оглед на својот статус, мислам дека Емра треба да го искористи случајот и да оди многу пошироко. Треба да се алармираат сите меѓународни структури кои се бават со дискриминација, затоа што државата продолжува со систематски прогон на Ромите“, пишува Најчевска.

Реагираше и Владимир Милчин:

„Емра е одлична актерка и прекрасна личност. Денес била дискриминирана само поради тоа што е Ромка. Емра е редовно вработена во Театарот за деца и младинци. Има сестра која живее во Германија и која ја кани на гости. Има и кеш кај себе. И авински билет. Но тоа е недоволно. Полицијата тренира строгоќу врз Ромите. Тоа што го доживеала Емра е дискриминација. Уште побрутална поради тоа што е оштетена за 200 евра колку што чинел поништениот билет. Настрана понижувањето, згазените планови да ги види блиските. Болката изразена со крикот: Па луѓе, зошто јас имам пасош, кога не смеам да излезам од државава? Емра треба да побара помош од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, да поднесе тужба и да бара отштета за поништениот билет и за претрпената болка. И да напише отворено писмо до министерката за внатрешни работи и да го испрати до медиумите. Ова не се случило на влезот во ЕУ, туку на територијата на земјата чија граѓанка е Емра Куртишова!“, реагира Милчин.

МВР ја посоветувало актерката Емра Куртишова да го пријави службеникот ако не е задоволна со неговиот однос.

Таа за А1 он вели дека сигурно ќе тужи, а случајот ќе го пријави кај народниот правобранител, во Хелсиншки комитет за човекови права и во сите други институции.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

Ромите за Демократија: Членови на СДСМ им се закануваа на Ромите набљудувачи

Орце Костов

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

Орце Костов

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

Орце Костов

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

Орце Костов

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Меѓународниот ден на Ромите, 8 април неработен за припадниците на ромската заедница

Ана Ололовска