Собранискиот спикер Талат Џафери побара да се заклучат собраниските врати од салата за да службите пребројуваат пратеници, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа и посочија дека тоа се прави со цел во салата да не можат да влезат и други пратеници. По заклучувањето на вратите, пратениците прашуваа врз основа на што заклучува собраниски врати, а тој одговори: „Деловникот“.
„Немате право да зборувате во прво лице“, рече Силјановска, а тој одговори: „Вас во петто ќе ви зборам, оди седи таму не ви дадов збор“, а пратеничката врати: „Знаете каде ви е вам местото“
Џафери на реакциите да не заклучува врати, посочи: „Јас наредувам. Спушти камера, затворете врата. Пребројте пратеници колку има“, а пратениците се собраа околу неговиот пулт. Џафери одново реагираше: „Тргни се од тука, не сум те повикал. Тргни се од тука. Седете на свои места“.
„Кој ти дава право да заклучиш сала?“ одново го праша Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Џафери кажа: „Деловникот“.
„Правото на движење е мое право“, му одговори Мицевски, а Џафери возврати: „Јас сум претседател на Собранието“
„Кој ти дава право да не заклучуваш тука? Не сум ти затвореник јас тебе. Врз основа на што ме држиш?“, реагираше Мицевски, a Џафери возврати со ист одговор: „Деловникот“.
Бидејќи микрофоните во салата беа исклучени, а јавноста не може во живо со присуство да ги следи седниците поради тоа што Собранието нема можност за тоа, пратеникот Бојан Стојаноски се обрати до јавноста преку социјалните мрежи:
„Автократот ги исклучи микрофоните. Неколку пати ги заклучуваат вратите, за пратениците од надвор да не можат да влезат во Собранието. Вака не се одлучува демократски. Ова е срамота, насилие. Ова се случува по скандалозното однесување кон собраниските службеници“, кажа Стојаноски.
Жестоката расправија во Собранието продолжи. Додека се правеше список за говорници, Џафери му даде процедурално на координаторот Никола Мицески.
„Заклучивте врата на пратеничка група надвор од секое поведение. Уставот вели дека движењето е неприкосновено. Си толкуваш деловник како сакаш. За што се боревте, за да не заклучат тука, да не киднапираат? Не сме ние Кастриот! Срамота е бе! Па Кастриот можете да го чувате на бели ѕидови, не пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваш од грешка во грешка, срамота е ова! Заклучувањето на вратата е скандал. Да заклучиш пратеници, 40 пратеници, кој ти дава право, која е таа сила?“, реагираше Мицески.
И Силјановска имаше жестока реакција.
„Пцуевте, пуаквте на избирачко место, што ли ќе доживееме од вас!“, реагира Силјановска.