За полнење кутии на гласање, кривична одговорност мора да има, повторуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Референдумот заврши со победа на граѓаните против капитулантскиот договор на криминогената Влада. И покрај огромниот број на нерегуларности и контроверзии кои го следеа целиот овој процес, се до денот на објавувањето на официјалните резултати, граѓаните сепак порачаа – нема промена на Уставот со цел промена на уставното име, нема менување на идентитетот. Остануваме Република Македонија.
Во таа геноцидна акција на Владата, не помогна ниту општото полнење на кутии.
Референдумот на начинот на кој се спроведе, не врати во едно мрачно минато време од пред две децении. Мора веднаш да се расчисти со овој изборен криминал, за никогаш повеќе да не се повтори и да се врати основата на демократијата. Дотолку повеќе, што пред нас очекуваме да имаме избори.
Гласањето на голем број избирачки места на 30-ти септември, ја покажува тенденцијата на полнење на кутии од страна на власта и нивната криминогеност, дури и кога се работи за гласање, а не само за наместени и тендери во четири очи и меѓусебно делење на народните пари преку разни фондови за иновации или грантови.
https://youtu.be/BdHRz6Cn-y8
Кривична одговорност за овие случаи мора да ја има, и за тие кои ги полнеле кутиите и за членовите на избирачките одбори кои ги дозволиле овие изборни нерегуларности и за оние кои го помагале или нарачале. Затоа, го повикуваме Јавното Обвинителство на Република Македонија да ги испита сите случаи кои ќе ги наведам во подоцнежните слајдови. А, со постапките кои ќе треба да ги отворите, најверојатно ќе излезат и голем број на други докази за изборни нерегуларности на ова гласање.
Пред законот, мораме сите да бидеме еднакви. Никој не е над Законот, па ниту Вие Обвинителе. И секој кој направил кривично дело, мора да одговара за тоа. Не смееме да дозволиме да се враќаме назад во времето на транзицијата со начинот на гласање. Напротив, мораме да ги почитуваме демократските и европските норми.
Сите кои барем еднаш излегле на гласање во својот живот, знаат дека целата процедура на гласањето од моментот на влегување во избирачкото место па се до пуштањето на гласачкото ливче во кутијата, трае околу 3 минути.
Во продолжение, со повеќе графикони и графички прикази, ќе Ви покажам кога и со која брзина, во голем дел од избирачките места се случувало полнењето на кутиите. Гласањето на овие избирачки места се одвивал по системот капка по капка и овој систем, најверојатно е награден со буџетски пари од фондот за иновации, како мошне иновативен систем.
А, за полнењето на кутиите на гласање, ќе повторам дека кривична одговорност мора да има!!!
Избирачко место во општина Сарај, с. Ласкарци.
Од 11 до 13 часот „гласале“ вкупно 230 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по неверојатни 31 секунда за наводно да „гласа“.
Избирачко место во општина Арачиново, населено место Грушино.
Од 17 до 19 часот „гласале“ вкупно 411 гласачи или на секој „гласач“ му биле сосема доволни по 17 секунди за да го оствари своето право на глас
Избирачко место во општина Сарај, с. Шишево.
Од 17 до 19 часот „гласале“ вкупно 468 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по 15 секунди за да „гласа“.
Мора да има кривична одговорност за ова!!!
Избирачко место во општина Сарај, населено место Долно Свиларе.
Од 15 до 17 часот „гласале“ вкупно 495 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни неверојатни 14 секунди за да „гласа“. И можете да приметите дури 56% од гласачите „гласале“ токму во овие 2 часа.
Го имаме рекордерот во полнење кутии на гласањето – Избирачко место во општина Центар Жупа, избирачко место 0563.
Од 18.30 до 19 часот значи за половина час „гласале“ вкупно 331 гласачи или на секој „гласач” му биле доволни по 5,4 секунди за да „гласа“, ова е најверојатно квантниот скок за кој премиерот Заев говореше пред референдумот.
Вице-Евро-Рекордер во гласање е Избирачко место во општина Струга, с. Велешта да, тоа е она познатото село кое што го знаеме изминатите години наназад.
Од 18.30 до 19 часот повторно за половина час „гласале“ вкупно 199 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по 9 секунди за да „гласа“.
Избирачко место во општина Сарај, општината која што е „најевропска“, избирачко место Долно Свиларе.
Од 15 до 17 часот „гласале“ неверојатни 360 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по 20 секунди за да наводно „гласа“.
Интересно е избирачко место во општина Гостивар, с. Форино, родното село на спикерот македонскиот парламент, Талат Џафери, кој како што кажа го немало во избирачкиот список, но затоа неговите сожители биле навистина „брзи“ во гласањето.
Од 15 до 17 часот „гласале“ вкупно 179 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по 40 секунди за да „гласа“.
Не можам да не го споменам избирачко место во општина Кичево, с. Зајас, родното село на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Претседателот на владејачката ДУИ не знаеме дали гласал, но затоа знаеме дека неговите сожители биле на „висината на задачата“ и „брзи“ во гласањето.
Од 17 до 19 часот на избирачкото место 0815 во с. Зајас, „гласале“ вкупно 350 гласачи или на секој „гласач“ му биле доволни по 20 секунди за да „гласа“.
Ова се само дел од изборните полнења на избирачките кутии за кои ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во која се наведени преку 200 лица односно 207 лица со име и презиме, а кои што учествувале во избирачкиот процес како претседатели на комисии, нивни заменици и членови на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Студеничани, Кичево, Желино, Боговиње, Сарај и други општини, како и против непознат број на службени лица, вработени во МВР кои на денот на гласањето биле на служба на овие избирачки места и непознат број на сторители кои го организирале и го извршиле полнењето на гласачките кутии, со сериозно основано сомнение дека е направен сплет од шест кривични дела, и тоа:
- Злоупотреба на службена положба и овластување,
- Несовесно работење во службата,
- Злоупотреба на избирачко право,
- Изборна измама,
- Фалсификување или уништување на деловни книги, и
- Повреда на тајноста на гласањето.
Над 50.000 гласови биле злоупотребени во текот на референдумот односно кутиите биле наполнети со 50.000 гласови со луѓе кои воопшто не се појавиле на гласачките места.
Почитувани, ова е уште една причина за смена на Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, што е неминовност заради неговото нестручно и несовесно работење, односно неработење со што прави злоупотреба на службената должност. Јовески мора да замине заради демократијата во Република Македонија. Референдумот и во кампањата и на денот на гласање, помина во најнедемократска атмосфера, со поткупи, со уцени, со закани, со лажење и со лажно претставување преку кол-центри, до полнење на гласачките кутии. За цело ова време, Јовески не мрдна со прст, чекаше и сеуште чека некој да поднесе на претставка или кривични пријави кои потоа ќе бидат поднесени и најверојатно ќе завршат во неговите фиоки.
Референдумот е јасна порака до владата, заминете си! Референдумот не помина, Договорот не помина, преименувањето не Република Македонија не помина кај народот. Промените на Уставот нема да поминат, ниту шверцувањето на против уставни амандмани со кои сакате да избришете Република Македонија, нејзина нација, историјата, културата, науката и идентитетот, нема да ви поминат. И Законот за ратификација на Договорот донесен на сила не може да ви помине. Едноставно, Владата предводена од Заев, Димитров, Шекеринска, Бујар Османи, не помина кај граѓаните, на најскапата анкета која е спроведена, а за која потрошија милиони евра народни пари. И за ова, брзо ќе дојде времето кога ќе морате да сносите одговорност
Време е да се врати вербата во демократијата и во институциите.
Со ваков републички Јавен обвинител и со вакво судство кое е клекнато на колена, тоа е невозможно. Затоа, уште еднаш на крај, ќе повторам дека бараме Јавниот Обвинител, Јовески да биде разрешен, на негово место да се избере стручен, чесен и динамичен обвинител, на предлог на опозицијата, а Владата да ги тргне канџите од судството, “ вели Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.