Периодов се кршеа копјата околу тоа дали Иванов има право да ги помилува осомничените пратеници за настаните од 27 април. Правната фела има две различни толкувања, едната дека членот 11 е избришан од Законот за помилување и не може да ги помилува, а втората е дека може, вели за А1он адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Законот за помилување беше изменет при што е избришан членот 11 и оневозможено му е на Претседателот да помилува поединечно надвор од процедурата за помилување, но Уставниот суд реагираше и го укина овој Закон за измени и дополнување и направи пречистен текст.
-Според оваа одлука на Уставниот суд Претседателот има право надвор од пропишаната процедура во која учествува и Министерството за правда, сам, во скратена постапка, да помилува определено лице поради интересите на Република Македонија имајќи ги во предвид личноста и кривичното дело кое го сторил, вели Давидовиќ.
Според него, прашање е дали пратениците треба да бидат помилувани бидејќи сомнително е тоа дали Република Македонија има интерес да помилува луѓе кои се осомничени за тешки кривични дела.
-Пратениците кривичното дело го сторија јавно. Имате ситуација каде група на луѓе влезе во Собрание и нападна пратеници. Како правник, за мене е незамисливо да е од интерес на Македонија да се сокрие вакво кривично дело затоа што ќе создаде проблеми во иднина затоа што секој што ќе биде незадоволен од изборните резултати или коалицирањето помеѓу партиите може да ја земе „власта“ во свои раце и повторно да направи такво нешто, вели Давидовиќ.
На прашањето дали е можно сценариото – Претседателот да ги помилува притворените пратеници, Давидовиќ вели дека со Иванов се е можно затоа што тој и претходно го има сторено истото на еден многу чуден начин кога Специјалното јавно обвинителство се уште ги немаше покренато постапките, а Иванов аболицираше лица за кои имаше некакви сомневања и се водеа одредени предистражни постапки. За Давидовиќ, тоа е незамисливо и го покажува капацитетот на Иванов за демократија и владеење на правото.
-Ние сме на една страшна пресвртница каде што треба да се реши дали ќе владее правото и ќе ги заборавиме оние двојни аршини, селективната правда и начинот на кој органите реагираа. Сето тоа мора да се смени, да се смени менталниот склоп на институциите да и да почнеме од почеток, вели Давидовиќ.
Поранешниот Јавен обвинител, Марко Зврлевски, и по неговата смена од функцијата остана член на Комисијата за помилување на Иванов. За Давидовиќ тоа е чудна одлука затоа што некој кој е јавно разрешен поради нестручно и несовесно работење треба да биде тргнат и од таква комисија која решава многу важни работи.
-Треба да почнеме се од почеток, да заземеме друг став, да не дојде во прашање кој е сторителот и зошто него да го судиме, туку едноставно секој да одговара за она што го сторил без оглед на која партија и припаѓа и дали се наоѓа високо во државната администрација на јавните функции или не, ако тоа не го сториме правна држава нема да имаме, вели Давидовиќ.
Виктор Јованов