(ВИДЕО) Дамева: Точно е дека објективно има концентрација на повеќе функции, но Герасимовски нема да биде разрешен од Судскиот совет

Од:

Зоран Герасимовски од Судскиот совет поднесе оставка од функцијата в.д. директор на Академијата за судии и обвинители, но нема да биде разрешен од Судскиот совет ниту пак од Управниот одбор на Академијата иако повторно постои судир на интереси затоа што извршува уште две јавни функции.

На прашањето на „А1он“ дали Герасимовски ќе биде разрешен од една од двете функции откако си даде оставка од третата, новиот претседател на Судскиот совет, судијката Весна Дамева, одговори:

– Тој останува член на Судски совет и не гледам спојивост на тие две функции. Колегата поднесе оставка од в.д. директор на Академијата и тоа е добар гест од негова страна. Не може негово членство во Судскиот совет да престане затоа што членовите на УО во Академијата го избрале. Тоа е законска слабост на системот. И друг да бил избран и тој ќе бил судија и член на УО – истакна Дамева.

Таа призна дека објективно има концентрација на повеќе функции.
– Судскиот совет го номинираше за член на Управниот одбор, а оттаму без да не известат го избрале за вршител на должноста. Точно е дека објективно има концентрација на повеќе функции – додаде Дамева.

Пред нејзиниот избор судијата Герасимовски поднесе оставка од директорската функција откако Антикорупциска утврди дека имало судир на интереси.

– Јас поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на Академијата откако Комисијата за спречување на корупцијата реагираше за мојот случај и утврди дека има судир на интереси. Сакам да се изземам и од изборот за нов претседател на Судскиот совет – истакна Герасимовски на почетокот на седницата и потоа ја напушти просторијата.

За акумулацијата на трите функции на Герасимовски објави „А1он“, но тој првично демантираше дека било незаконски. Тој беше избран за член на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители, па за в.д. директор, а на коментарот на А1он дека има конфликт на интереси кажа дека нема и добил за тоа потврда од Државната комисија за спречување на корупција, односно дека може да врши три функции.

„Нема судир на интереси затоа што јас не членувам никаде. Јас сум само судија во Судскиот совет избран од редот на судии. Се консултирав со Држаната комисија за корупција и оттаму рекоа дека нема конфликт. Ако тие кажеа дека има судир, јас веднаш ќе се повлечев од функцијата. Јас сум само времено в.д. до изборот на нов директор кој треба да се случи во следните 15 дена“ – рече Герасимовски.

Антикорупциска испрати соопштение во кое укажа дека членот на Судскиот совет, Зоран Герасимовски, не побарал официјално мислење од Државната комисија, ниту се консултирал со претседателот или некој од членовите.

Државната комисија за спречување на корупција извести Герасимовски не може да ги извршува трите функции истовремено, односно не може да биде во исто време член на Судски совет, член на УО на Академијата и нејзин в.д. директор.

„Согласно цитираните одредби од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Законот за Судскиот совет на РСМ, произлегува дека Зоран Герасимовски не може да ги извршува трите функции истовремено, односно не може да биде во исто време член на Судскиот совет, член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и ВД Директор на Академијата, без оглед на тоа колку долго ќе ја извршува функцијата ВД Директор“, стои во известувањето од ДКСК.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Судскиот совет ја промени ранг листата за избор на судии за Апелационен суд Битола

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Лидија Георгиевска избрана за претседателка на Вишиот управен суд

Петрушевски: Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството