Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова не се бројки и податоци од некоја црна хроника – ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потврда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот, рече Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
– Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа. Почитувани граѓани, ова веќе не е само економска криза, ова свесно и намерно понижување на достоинството на секој граѓанин на Македонија.
Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Македонија моментално добро живеат само функционерите од власта.
Дуото Трајко Славевски и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓаните во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања. Ниту ги интересира состојбата во која живеат луѓето, ниту сакаат да помогнат реално нешто да се смени, ги интересираат само нивните огромни бизнис зделки.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти. Што правеше СДСМ? Го зголемивме минималецот од 9.000 на над 20.000 денари. Донесовме закон за автоматско усогласување на платите со трошоците за живот за да не може никој политички да ги уценува граѓаните за растот на платите туку да им следува со закон.
Ги зголемивме платите во приватниот сектор. Инвестиравме 2,6 милијарди евра во економија, помош за граѓаните и стабилизација на струјата. А што прави ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите предлози за покачување плати. Ги блокираше мерките за поевтини основни производи. Не вложи ниту денар во поддршка за граѓаните во криза. Си гледа само за себе – за привилегираните бизнис партнери, но не и за народот. Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе останат запаметени не како реформатори, туку како луѓе што ја згазија економската надеж на оваа земја. Како политичари што ја заборавија работничката рака која го движи оваа држава. Време е за одговорност. Време е за гласна борба за повисоки плати, за фер услови, за економија во функција на граѓаните, не за бизнис партнерите на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ нема да молчи. Ќе зборуваме секој ден, за секој човек што живее тешко и заслужува повеќе. Затоа што докажавме со дела што е економски патриотизам и како секој граѓанин е важен. Покажавме дека сме различни и дека државата може да има власт која се грижи за граѓаните а не за сопствените интереси – кажа Цветаноски.