(ВИДЕО) Црвенковски: Се покажа дека не постои криза меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Од:

„Се потврдија сите наши укажувања дека сето она што го гледавме во изминативе два месеци, сето нивно загрозување на меѓуетничките односи, сите нивни меѓусебни препукувања преку девалвирање на институциите, кршење на законите, бламирање на армијата па дури и преку злоупотреба на децата, не се ништо друго освен ефтина театарска претстава во режија на Никола Груевски и Али Ахмети“.

Ова го кажа лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски на прес конференција по изгласната доверба синоќа на владата.

„Премногу опасна игра за задоволување на нивните ситни лични потреби: Груевски лажно да се претстави како македонски патриот, а Ахмети лажно да се претставува како заштитник на правата на Албанците.

Вчера уште еднаш се покажа дека за оваа власт криминално – тендерските интереси се поважни од било чија национална гордост и достоинство, од било чии права и статус и од било кои закони и институции на Република Македонија.

Сега, кога оваа неодговорна, но со тешки последици политичка лакрдија е целосно прочитана и разобличена, ја повикуваме владата, а пред се премиерот Груевски овој циркус да биде запрен веднаш“, рече Црвенковски.

Тој повика двете партии да се договорат за законот за бранители, за имињата и таблите на училиштата, за паралелките во Аеродром, Чаир и Сарај, за почитувањето на хиерархијата и одговорноста во АРМ и пред се, за почитување на законите и институциите во оваа земја.

„Истовремено, со цел да се прекине ова замајување и манипулирање со јавноста, кој колку и кога сака предвремени парламентарни избори, ја повикуваме владата под итно, веќе од понеделник да предложи измени на изборниот закон во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во најкус можен рок прочистување на избирачкиот список.

Доколку во еден разумен рок од неколку дена владата тоа не го направи, СДСМ ќе поднесе свој предлог за измени на изборното законодавство до Собранието на Република Македонија.

После тоа ќе стане сосема јасно кој е, а кој не е подготвен за соочување со волјата на народот“, рече Црвенковски.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Нов скандал во Владата – Јанушев поврзан со фирма во Бугарија?

СДСМ: Кочоска призна дека во буџетот нема пари, ќе има ли за плати и пензии?

Тренчевска: Две години Влада на Мицкоски, нема повисоки плати, нема подобар стандард- нула исполнети ветувања

(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски ветуваше подобар живот, а донесе поголема сиромаштија

Горан Наумовски

Опозицијата тврди: Буџетот е пред колапс, а животниот стандард во пад

СДСМ: Две години на економски неуспех, лажни ветувања и изолација