Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вели дека истрагата на Обвинителството ќе покаже кон што и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитеници од Домот „25-ти мај“.
„Министерството за труд и социјална политика направи детален инспекциски надзор и поднесе 12 кривични пријави и 12 прекршочни пријави против вработените во центарот за социјални работи и Домот 25-ти мај. Пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство. Да нагласиме дека влегуваме во брза трансформација на домовите „25 мај“ и на „Ранка Милановиќ“, институции кои се запуштени во изминатите десет години и од кои денес ги гледаме само резултатите. Со брзата трансформација на овие институции верувам дека ќе добиеме грижа и заштита за секое дете, посочи Царовска во врска со новите случаи за злоупотребени малолетнички кои ги обелодени Европскиот центар за права на ромите.