ВИДЕО: Блискоста до Груевски и Мицкоски клучна за изборот на технички министри

Од:

Изборот на кадри за техничката влада го наметнува прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за нив, односно од каде е довербата во нив. За разлика од Гордана Димитриеска-Кочоска, која важи за блиска соработничка на Христијан Мицкоски уште од времето на ЕЛЕМ, останатите тројца се поврзуваат со експремиерот и бегалец Никола Груевски. Рашела Мизрахи, која е предложена за технички министер за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ, студентите ги поучувала дека „Животот е финансии, никој од вас не студира за да биде Мајка Тереза – едуцирана, без финансии“. Гласот на Цветан Трипуновски, предлог за заменик-министер за земјоделство, јавноста го слушаше и во снимките преку кои се дозна дека ВМРО-ДПМНЕ ги организира земјоделските протести во Тиквешијата, а, пак, втората жена што треба да управува со трезорот, Гордана Димитриеска-Кочоска, работела во ЕЛЕМ кога Христијан Мицкоски беше директор на компанијата. Невенка Стаменковска-Стојковски, која треба да управува со Министерството за информатичко општество и администрација, пак, во низа случаи жестоко застануваше во одбрана на Груевски, особено кога Собранието му го одземаше мандатот по неговото бегство во Унгарија.

Рашела Мизрахи, предлог за техничка министерка во Министерството за труд и социјална политика

Рашела Мизрахи е предложениот кадар за технички министер во труд и социјална политика. Таа е првенец на генерација на Факултетот за ветеринарна медицина, со највисок просек, а потоа асистент по физиологија во секторот репродукција на Факултетот. Се поврзува со името на експретседателот Ѓорге Иванов и неговата Школа за млади лидери, каде што Мизрахи одржала предавање, а е претставена како биохемичарка. Докторатот го одбранила на „Бар Илан“, универзитет во Израел.

Неофицијално, таа е ќерка на адвокатката Лилјана Мизрахи, која е претседател на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Мајката на Рашела Михрази заедно со Никола Груевски го отворила Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите, каде што потоа двајцата имале свое обраќање. Како адвокат Мизрахи зела илјадници денари од Факултетот за ветеринарна медицина во периодот од 2013 до 2019 година.

Кандидатката за техничката влада е и мотивациски говорник, па обраќајќи се пред студентите, таа вели: „Животот е финансии, никој од вас не студира за да биде Мајка Тереза – едуцирана, без финансии“.

„Јас на моите студенти им се обраќам вака – вие сте да украдете од мене, јас сум платена за вие да земете што повеќе. Треба да сте покадарни, паметни, за да стигнете до финансии. Животот е финансии, никој од вас не студира за да биде Мајка Тереза – едуцирана, без финансии“, вели Мизрахи во мотивацискиот говор.

Името на Цветан Трипуновски, кој е предложен за нов заменик-министер за земјоделство, ѝ е познато на јавноста. Последно, неговиот глас се слушаше во снимката до која дојде „А1он“, а во која Трипуновски  заедно со општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги организираат протестите на земјоделците во Тиквешкиот Регион. На протестите што ги организира одеше и самиот Трипуновски, а присутните го исвиркуваа актуелниот министер Трајан Димковски. Тој се споменуваше како кандидат за министер за земјоделство доколку тогаш победеше ВМРО-ДПМНЕ. Трипуновски беше дел од претседателството на Комисијата за земјоделство кога претседател на партијата беше Груевски.

За нов заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска-Кочоска, која во изминатиот период во јавноста се претставуваше како економски аналитичар и ги критикуваше политиките на власта. По струка е дипломиран економист. Таа беше директор за финансии во ЕЛЕМ, поставена во 2014 година. На истата функција остана и кога во 2016 на директорското место беше назначен Христијан Мицкоски. Во партиските кругови на ВМРО-ДПМНЕ се шпекулира дека Димитриеска-Кочоска е еден од најблиските соработници на Мицкоски во кого тој има голема доверба.

Актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска-Стојковски, е предлог за нов заменик-министер за информатичко општество и администрација. Во јавноста е позната како жесток критичар на СДСМ. Првпат на политичката сцена се појави кога Никола Тодоров се откажа од политичките функции, па таа седна на неговото пратеничко столче. Стаменковска-Стојковски жестоко го бранеше Груевски од собраниската говорница кога пред неколку месеци му беше одземен пратеничкиот мандат. Таа на собраниската седница велеше: „Вие со вашите репресивни мерки не дозволивте Груевски да се пријави како отсутен. Тој не ги исполнува целосно условите за одземање на мандатот. Да ги потсетам СДСМ и коалицијата дека Груевски не е бегалец како што милуваат да го наречат, туку лице што има добиено политички азил од страна на земја членка на ЕУ во која повеќе се почитуваат човековите права, отколку овде“.

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Самка Ибраимовски: Доста е да не водат семејни кланови и партиски потрчковци

Орце Костов

Таравари: Mладите се јадрото на населението, иселувањето на младите е државен аларм

А1он

Претседателските кандидати до кампањата не смеат да трошат пари од трансакциската сметка наменета за изборна кампања

Горан Наумовски

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Ахмети и Реџепи потпишаа коалиција: „Европскиот фронт“ ќе биде носител на промени, „да“ за ЕУ, „не“ за Русија

Во Русија: Најмалку 74 уапсени за протести за време на претседателските избори