Со експлозија на планината кај Горња Баница, вицепремиерот Артан Груби со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, се означи стартот на работата на „Бехтел и Енка“ во Македонија, нешто што два пати свечено беше најавувано од страна на половина влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски.
Со минирањето во областа Горни Полог, почнува и изградбата на најкомплицираната делница на Коридорот 8, Гостивар-Букојчани, која треба да се пробие низ планините за да се избегне Гостивар, но и искачувањето до Стража. Како што веќе објави А1он, го извршија трите подизведувачи: „АК инвест“, „Еуровиа“ и „Стентон градба“.
Според договорот, изградбата на три делници на Коридорот 8 и една на Коридорот 10д треба да заврши за 4 години и 7 месеци, а треба да чини 1,3 милијарди евра, сума која може да биде надмината. Од сумата, досега на сметката на „Бехтел и Енка“ се легнати 174,5 милиони евра, од предвидените 243 милиони за оваа година.
Освен Гостивар-Букојчани, „Бехтел и Енка“ треба да ги изгради и делниците Тетово-Гостивар и Требешништа-Струга-Ќафасан на Коридорот 8, како и делницата Прилеп-Струга на Коридорот 10д. Досега, доставени се инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа-Струга-Ќафасан, бидејќи како што објави А1он, сѐ уште се разговара со Албанија за нов граничен премин кој би требало да биде во тунел, кој половина ќе го плати Македонија, а половина Албанија.
Иако работата на терен веќе почна, обвинителството и антикорупциската комисија уште го разгледуваат договорот на државата со американско-турскиот конзорциум, кој во Македонија има отворено две подружници. Обвинителството пак, освен договорот, ги разгледува и фирмите кои ќе го вршат надзорот, предмет кој беше отворен по допрен глас.