Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски рече дека Зоран Заев е истрошен политичар кој е свесен дека рејтингот му е во слободен пад и затоа избегнува лидерско соочување со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Арсовски го повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев да се охрабри и да излезе на понудената можност за дебата на телевизија Алфа, која што е една од 5-те национални телевизии.
Од говорницата, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, го праша лидерот на СДСМ дали на 12 април по поразот на изборите ќе си поднесе оставка?
„Ако каже дека ќе си поднесе оставка, очекуваме еднаш барем, барем овој пат да се додржи до зборот и на тој начин да ја ослободи СДСМ, но и Република Македонија од своето штетно политичко дејствување. Доволно граѓаните се заложници на лудоста, криминалот, лицемерието, лагите и коруптивноста на Зоран Заев и неговата криминогена фамилија“, рече Арсовски.
Арсовски рече дека претстојните избори се избор помеѓу чесната понуда, принципите, реалната програма и одговорната работа за иднината на Република Македонија кои ги нуди неговата партија ВМРО-ДПМНЕ од една страна, но и криминалните тендери на Зоран Заев, на неговото семејство и на функционерите од СДСМ, рекетот како главен проект на оваа влада на СДСМ изминативе 3 години, растечката корупција, фијаското во економијата, образованието, здравството, земјоделството, кои ги донесе власта на Зоран Заев и СДСМ, од друга страна.
„Претстојните избори Зоран Заев треба да си замине од политиката и политичката сцена. Затоа треба да одговори дали сега кога ќе изгуби на изборите ќе си даде оставка и ќе замине од политиката засекогаш. А, веднаш потоа и да одговара за се она што направил“, додаде Арсовски.