(ВИДЕО) Ангелов: Пожарот на Пелистер не стивнува: На терен пожарникари, механизација и воздухоплови

Од:

Пожарот што изби од преспанската страна и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во неговото сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и армиски хеликоптер, информираше денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Ангелов истакна дека во текот на вчерашниот ден на територијата на државата се регистрирани повеќе од 30 пожари, при што дождот во источните делови само незначително ја олеснал состојбата.

– Дождот којшто вчера во попладневните часови заврна во источните делови на државата ја олесни нашата работа, но незначително. За жал, во останатите делови од државата имаме повеќе тешки за гасење пожари, повеќе од 30 пожари во текот на вчерашниот ден. И понатаму најтежок и најкомплексен пожар за гасење е пожарот којшто вчера попладне изби од преспанската страна на Пелистер — оган којшто се движи во насока на Националниот парк „Пелистер“ – изјави Ангелов.

Тој појасни дека по избивањето на пожарот веднаш реагирале противпожарните единици од Ресен и Битола, по што биле мобилизирани и ресурсите на ДЗС.

– Веднаш потоа на лице место излегоа преспанските, односно ресенските пожарникари, а потоа пристигнаа на помош и битолските пожарникари. Откако видовме дека пожарот се шири, веднаш ги мобилизиравме и огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со неколку пинцгауери, а веднаш потоа со дејство започнаа и ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување – рече Ангелов.

Според него, синоќа била воспоставена блага контрола, но поради сериозноста на состојбата била побарана дополнителна поддршка од доброволни пожарникари од Битола, кои цела ноќ дејствувале заедно со професионалните екипи, командирот на битолската противпожарна единица и директорот на Националниот парк „Пелистер“. Со механизација е направена и противпожарна пресека над боровите за да се спречи напредувањето на огнената линија.

– Рано утрово со дејство започна и еден армиски хеликоптер со големо ведро од 3 тони. Со прецизно фрлање на водата успеа да изгасне неколку критични точки, но со доаѓањето на топлиот дел од денот, со доаѓањето на пладне, повторно почнаа да се појавуваат горливи точки и да се гледа чад на повеќе позиции. Во овој момент дејствуваат ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување како поддршка на пожарникарите од Битола, од Ресен, огнените тимови составени од доброволци на Дирекцијата за заштита и спасување, како и неколку пинцгауери коишто дејствуваат на овој простор – нагласи директорот на ДЗС.

Ангелов категорично ги демантираше написите во одредени медиуми за наводно повредени пожарникари на терен.

– Досега немаме повредено ниту еден пожарникар. Не е точна веста којашто се појавила во некои портали дека има двајца повредени пожарникари — ниту повреден пожарникар, ниту пак имаме пожарникар којшто вдишал чад, така што сите пожарникари се добро и продолжуваат во борбата против оваа огнена стихија – посочи Ангелов.

Во однос на останатите активни жаришта, Ангелов информираше за состојбата на планината Жеден, каде што пожарот исто така се одвива на непристапен терен, но не претставува опасност за населените места.

– Покрај овој голем пожар, на територијата на државата активен е и пожарот на планината Жеден, којшто е исто тежок за гасење бидејќи се одвива на тешко пристапен, а на делови целосно непристапен терен. Таму гори само сува трева, трње, грмушки и друга ниска вегетација. Истиот не претставува закана за локалното население, за околните села коишто се наоѓаат во подножјето на оваа планина. Очекувам денес да биде ставен под контрола од скопска страна благодарение на скопските пожарникари, а од тетовска страна — пожарникарите од градот Тетово – изјави Ангелов.

Би можело да ве интересира

Пожарот во Националниот парк „Пелистер“ локализиран, противпожарни единици цела ноќ на терен

Голем пожар над Дебар изгаснат пред полноќ, пожарникарите се сомневаат дека е подметнат

Предраг Петровиќ

Под контрола е пожарот во Националниот парк „Пелистер“

Големо невреме со пороен дожд, грмежи и град северозападно од Куманово

(ВИДЕО) Пожарот кај Макази се шири кон Пелистер, има индиции дека е подметнат

Горан Наумовски

Денеска активни се осум пожари