Забраната на европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев, да влезе во Македонија на 6 мај сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на нашата земја со Европската унија, смета претставникот на ГЕРБ во Брисел.
Според Ковачев, Македонија ја преминала црвената линија – член на европскиот парламент да не биде пуштен во земја кандидат за член на унијата.
– Тоа придонесе за многу реакции во Брисел – рече тој за БТВ.
Пратеникот смета дека прво треба да се чуе образложението на официјално Скопје пред да се зборува за ново вето од страна на Бугарија, но и од ЕУ.
– Иронично, неколку дена пред да заминам кон Македонија имав разговор со Бујар Османи, сосема пријателски разговор. Сакав да присуствувам на настан од нашата општа историја крај Ново Село, на бугарските воени гробишта – истакна Ковачев.
На границата немало никакво објаснување и затоа тој смета дека треба задолжително да му се извинат.
Тој во интервјуто посочи дека во Скопје немало напредок за уставните измени и дека со однесувањето во последно време Македонија како да не сака евроинтреграција, туку сака да остане, како што вели тој, во оската Скопје-Белград-Москва.