По вчерашниот напад врз ЛГБТИ центарот, кој во кафе барот „Дамар“ ја славеше двегодишнината од своето работење во Македонија, активистите од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пред Основното јавно обвинителство Скопје, повикаа да се осуди насилството и говорот на омраза и да се пронајдат сторителите за да одговараат пред законот.
-Ова беше шести напад по ред, досега не слушнавме ниту премиерот, ниту министерката за внатрешни работи јавно да ги осудат овие напади. Неколку пати потенциравме дека тоа што нема јавна осуда за насилството кое што се случува врз ЛГБТИ заедницата, ќе резултира со охрабрување за продолжување за ваквите напади, тоа се случи вчера. Нашето прво барање е премиерот да излезе и јавно да го осуди насилството кое што се случуваше и кое што има шанси да се случува и понатаму доколку не се преземе нешто. Вчерашното насилство не беше само врз ЛГБТИ заедницата, беше врз активисти за човекови права, врз Хелсиншкиот комитет и неговата подружница ЛГБТИ центарот, рече Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права, Македонија.
Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншки комитет ја повика министерката Гордана Јанкуловска да одговори зошто не се откриени сторителите на овие сериозни кривични дела од омраза.
– Дали е причината тоа што е нападната една ранлива група, која не им е симпатична, или можеби заради тоа што се нападнати активисти за човекови права кои ги критикуваат државните функционери што не си ја вршат работата. Истот така ги повикуваме да одговорат зошто има рекорден број неоткриени и непроцесуирани кривични дела. Го повикуваме Јавното обвинителство да не бидат повеќе потрчковци и слуги на Министерството, туку сериозно да ја извршат својата законска обврска да ја контролира полицијата. За жал, ниту обвинителството, ниту судиите си ја вршат улогата, која во правна држава, Уставот на РМ и меѓународните инструменти им ја даваат да ја контролираат полицијата, која оваа монополна власт на кривичните истраги ја злоупотребува и огормен дел од особено ваквите сериозни кривични дела сторени од омраза ги оставаат неоткриени затоа што нив не им се симпатични жртвите, рече Калајџиев.
Активистите денеска пред Јавното обвинителство Скопје и од МВР побараа да покренат истрага и да понесат кривични пријави против сите оние лица кои што шират говор на омраза врз основа на сексуална ориентација на социјалните мрежи и во медиумите каде што се упатуваат директни закани.
– Говорот на омраза се шири како на дел од албанските портали како што е „Илирида.нет“ на кој се прогласуваше дека местото каде што се случи настанот е слободна територија на ИСИС, меѓутоа и на фејсбук профилите на македонски хомофобични новинари Јанко Илковски и Миленко Неделковски, каде што во коментарите директно се поттикнува на говор на омраза и се повикуваше на ликвидација на активисти за човекови права и на ЛГБТИ заедницата, конечно МВР наместо да ги штити спомениците, може да почне да штити живи луѓе, рече Славчо Димитров, од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.
Кочо Андоновски извршен директор на ЛГБТИ центарот за поддршка потсети дека вчерашниот напад врз ЛГБТИ центарот во „Дамар“ не е прв, туку има уште 5 нерасчистени напади.
А.Б.