(ВИДЕО) Активисти од Скопје откупија пит-бул за борби: Кучето по една година си ги најде вистинските газди

Од:

Пред неколку дена беше огласена на „Фејсбук“ и се продаваше за 100 евра за борење, а веќе денеска, со помош на активистите за заштита на животните, се гали и се радува во рацете на својата старо-нова сопственичка, на која ѝ била украдена пред една година. Младата Бамби, куче пит-бул, имаше турбулентни неколку денови, а уште потурбулентна и потажна година.

Првата слика од неа осамна пред неколку дена на социјалните мрежи – врзана за ланец и прикажана како „роба“ која се продава, бидејќи е добра за борби и тажен поглед, речиси безживотен.

Фотографијата од огласот се вртеше на „Фејсбук“, активистите бараа казни за огласувачот, бидејќи борбите со кучиња се забранети со закон, но често овие „приказни“ (за некого приказни, за некого животни судбини), остануваат без епилог.

Тоа не беше така и во случајов. Здружението „Шепасти ентузијасти“ реши да го откупи пит-булот од огласувачот за 100 евра, за да го спаси и да му даде втора, нова шанса за живот. И покрај тоа што пит-булите во јавноста се перцепираат како „опасни“ кучиња, младата Бамби мирно си влегла во автомобилот на активистите од здружението, како да знаела дека се ослободува од минатиот живот, каде во импровизирани рингови, незаконски, се организираат борби со кучиња и на сметка на тоа се вртат илјадници евра на кладби.

Здружението „Шепасти ентузијасти“ го однело кучето на ветеринар кој увидел дека има чип, што значело дека може да се лоцира неговиот вистински газда. Чипот покажал дека сопственичка на Бамби е девојка од Скопје, а кучето ѝ било украдено од дворот пред точно една година.

Кога ѝ се јавиле да ѝ кажат дека нејзиниот миленик е жив и дека може да дојде да си го земе, таа веднаш дотрчала. Средбата што ја имаат сопственичката и нејзиниот миленик, по една година, не може да се опише со зборови. Од „Шепасти ентузијасти“ велат дека биле потребни само триесетина секунди, за кучето да си ја познае својата сопственичка.

„Активизмот некогаш не тера да правиме работи кои и не се баш безбедни, но крајното чувство е награда за сѐ! Случајот со Бамби дефинитивно ќе го памтиме засекогаш, баш затоа што ваквите случаи ретко кога имаат позитивен крај. Сите ние знаеме колку е бавна правдата во поглед на пријавување на ваквите случаи, а и нивната разрешница. Ова е само една битка во која успеавме да извојуваме победа, но дефинитивно војната треба да ја водат надлежните органи. Овој и сите вакви случаи ќе бидат пријавувани од наша страна се додека ваквите луѓе не го добијат она што го заслужуваат. Апелираме до надележните институции да не ги игнорираат ваквите пријави и итно да постапуваат согласно позитивните законски прописи“, велат од Здружението „Шепасти ентузијасти“, кои најавуваат дека ќе поднесат пријава против лицето кое го борело и продавало кучето.

„Борбите со кучињата во нашата држава се секојдневие, не е прв пат да спасиме куче да не заврши во борби. Имаме неколку веќе среќно вдомени, секако далеку од тука“, велат од здружението.

Бамби од попладнево веќе е во својот старо-нов дом. Борбите се веќе далеку зад неа, затоа што е една од ретките која ја имаше таа среќа да биде откупена, но и чипирана, нешто што дава можност да се лоцираат вистинските сопственици.

„Перцепцијата дека пит-булите се агресивни е толку е погрешна, тие дури се сметат и за „чувари кучиња на децата”, односно таа раса во светот е позната и како “nanny dog”. Ниту едно куче не е агресивно, агресивни стануваат бидејќи така ги учат“, велат од здружението.

За среќа, Бамби не ја научила оваа „лекција“, иако лузните на нејзиното лице покажуваат дека таа била борена, а денеска веќе одмора во својот стар дом, каде и што припаѓа.

Би можело да ве интересира

Маж во Сплит чувал волци и кучиња во нехумани услови

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

Орце Костов

Tри борбени кучиња во Австрија убија жена, сопственичката на животните е осудена

Жител од селото Зајас организирал борби со кучиња

„Кучиња се дават во крв додека некој се радува на победа“: Помеѓу Охрид и Струга изграден ринг за борби

Орце Костов

Планинар пронајден мртов, кучето два месеци лежело до него