Македонија беше најветувачката независна држава која изникна од урнатините на некогашна Југославија, беше објаснувањето кое го даде професорот Владимир Милчин на денешната дебата организирана од иницијативата „8-ми Септември/8 Shtatori”. На оваа трибина насловена како „22 години од 8-ми Септември“,Владимир Милчин, Сашо Орданоски, Лидија Димова и Рамадан Рамадани говореа за случувањата и периодот околу создавањето на независна Македонија како и анализирајќи ги и состојбите денес.
На прашањето околу ентузијазмот на македонските граѓани, Милчин потсети на меѓународниот собир во 1992 година, каде Хелсиншкиот параламент на граѓаните на Македонија заедно со Советот на Европа го имаат организирано најголемиот собир кој се одржал во независна Македонија. На оваа конференција за самоуправите и граѓаните на Европа освен присуството на над 450 учесници, тој потсетува дека Македонија успева да мобилизира поддршка од надвор, иако македонските политичари на моменти се соочувале со пропусти.
„Според мое мислење овие пропусти беа наивни, исто како и граѓаните“, вели тој, објаснувајќи дека македонците биле растени како во стаклено ѕвоно.
Лидија Димова објасни дека односот на Европската заедница кон државите на поранешна Југославија во периодот околу деведесетите години бил прилично незаитересиран затоа што реално во тој период не постоеле механизми со кои ЕУ можела заеднички да реагира, па затоа се случувале реакции на билатерален план.
Димова објасни дека европските интеграции на Македонија ги гледа во три фази од кои втората фаза, која таа ја наркува развиена (периодот од 1998- 2006), е период во кој се случило сето она што нашата држава имала капацитет да го стори за да добие кандидатски статус. Периодот од 2007 година до денес, именувајќи го како пропагандистичка фаза, Димова го објаснува како ситуација во која иако сите веруваат дека Македонија се движи кон ЕУ, а практично се повеќе државата се оддалечува.
„Затоа од страна на владеачката стуктура неопходно би било да завладее со медиумите. Така што ова што денеска се случува со медиумите, е само последица на она што се случува со нашето припојување кон ЕУ“, посочи таа.
Сашо Ордановски своето обраќање го започна изразувајќи протест кон она што му се случува на новинарот Томислав Кежаровски, потенцирајќи дека она што се случува е срамно политичко насилство спроведено директно од државата и премиерот Груевски.
„Порано или подоцна ќе дознаеме што се случува“, рече тој, додавајќи дека им дава поддршка на сите колеги, новинари кои се репресирани, под притисок или во затвор. Тој рече дека демократската обнова на Македонија еден ден ќе започне со правна одлука.
Професорот Милчин, истакна дека денес постоењето на политички затвореници како и она што се случува со притворот на новинарот Кежаровски личи на разголен сталинистички процес од 1936/37 во времето на чистките.
„Вистината е дека ние сега сме таму“, рече тој.
„Еден ден за некои од овие работи што се случуваат ќе има судење. На тие судења ќе има сведоци и ќе се констатира кој ги кршел Уставот и законите и се надевам дека правдата ќе ги стигне оние кои го злоупотребувале тоа“, порача Ордановски.
Дека сме најпроблематична држава од поранешна Југославија, според Рамадан Рамадани е фактот дека пописот кој требаше да се случи во 2011, освен што не се спроведе нема ни најави кога ќе се случи.
Тој потенцираше дека овој успешно неспроведен попи е важен за манипулирањето со етничките предрасуди, инситутуциите не ги елиминираат истите, а со неговото неспроведување државата овозможува истите да се продлабочуваат.
„Ако основата на проблемот биле категоризации од типот на миграните, и ако власта не може да се договори за толку мала работа, како би се договориле за нешто посуштествено?“, запраша Рамадани, додавајќи дали луѓето од власта можат да го направат „8 Септември“ да биде празник за сите, бидејќи овој празник и треба на Македонија и на нејзините граѓани.
Иницјативата „8-ми Септември/8 Shtatori” со трибината има за цел до јавноста да ја упати пораката: „Сакаме држава по мерка на граѓаните, а тоа Македонија за жал не е!
Темјана Поповска