Вевчани подготвено за Вевчанскиот карневал на 12 и 13 јануари

Од:

Традиционалниот Вевчански карневал, една од најстарите живи карневалски манифестации на Балканот, ќе се одржи на 12 и 13 јануари со централна карневалска поворка на 13 јануари од 13 часот кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала. Ова беше најавено денеска на прес-конференција во Скопје по повод годинешното издание на „Вевчански карневал 2026“, кое традиционално се одржува на празникот Свети Василиј Велики.

Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, упати отворена покана до граѓаните да ја посетат манифестацијата нагласувајќи дека за време на карневалските денови целото село живее во духот на традицијата и заедништвото.

– Во Вевчани тие денови секоја куќа е отворена и насекаде ќе ве пречекаат со љубов. Ви советувам да облечете постара облека за да не се грижите дали ќе ве испрскаат со црвено вино. Карневалот и маските не се само за критика, туку, пред сè, за забава, изјави Кочовски.

Новинарот Антонио Димитриевски, кој ја водеше прес-конференцијата, истакна дека Вевчанскиот карневал претставува спој на долга традиција и современа сатира.

– Тие денови Вевчани се претвора во голема сцена, а традицијата во слобода. На карневалот никогаш нема исти маски, освен традиционалните – зетот и невестата и Глупиот Август. Маските се инспирирани од настаните од изминатата година, но карневалот не е само критика на општеството, туку, пред сè, забава, рече Димитриевски.

Организаторите најавија и богата музичка програма. На 12 јануари од 20 часот ќе се одржат концерти на популарна музика, на кои ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“. На 13 јануари, исто така од 20 часот, ќе следуваат концерти на фолк-музика, со настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.

На прес-конференцијата беше присутен и Дарко Масларковски од групата „Пука козметика“, кој истакна дека нивната поврзаност со Вевчанскиот карневал трае повеќе од една деценија.

– „Пука козметика“ веќе 14 години со љубов доаѓа на Вевчанскиот карневал. Вевчанската публика сака комуникација и затоа репертоарот секогаш го приспособуваме заедно со неа, изјави Масларковски.

Вевчанскиот карневал, со традиција долга речиси 1.400 години, претставува спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира и има силна социјална и културна улога во заедницата. Карневалот симболично го означува преминот од старата во новата година, како и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.

Би можело да ве интересира

Обвинителството ги утврдува причините за смртта на седумесечното бебе од Вевчани

Почина седумесечно бебе во болница во Охрид: Паднало од кревет во домот во Вевчани

A1on

Во Вевчани: Маж со пушка пукал кон домашни миленици

Приведен вевчанец, пукал со пушка во домашни кучиња

Кривична пријава за лажниот лекар од Вевачни за надрилекарство, измама и за фалсификување

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Власта на Заев со специјалци тепа луѓе на карневал кои го исмеваат лошото владеење на СДСM

Жарко Настоски