Сопствениците на домашни миленици да добијат специјални дозволи со кои ќе може да ги изнесуваат кучињата надвор и додека трае полицискиот час, посебно за викендите, кога забраната за движење почнува од 16:00 часот, препорачува Ветеринарната комора.
Притоа нагласува дека е многу важно да се дефинираат строги ограничувања и во таа насока предлага: движењето на сопствениците на миленици да биде од 19:30 – 21:00 часот, да трае максимум 20 миниути и да биде во радиус од 200 метри од зградата на живеење.
Овие специјални препораки Ветеринарната комора денеска ги достави до Владата.
-Кучето да биде придружувано само од едно лице кое постојано ќе се движи и нема да седи на клупа, за време на прошетката да се забрани групирање на сопствениците на домашните миленици на едно место и да се оневозможи интеракција на животно со животно, да се овозможи кучињата чии сопственици се неподвижни или постари од 67 години, да ги шетаат други, претходно назначени лица, соодветно да го собираат и отстранување цврстиот измет од милениците по шетањето, да се придржуваат до општите и посебните препораки за чување домашни миленици во услови на пандемија со КОВИД -19, како и сопственикот или придружникот кој го шета миленикот секогаш со себе да го носи и пасошотна кучето со кој се докажува кому му припаѓа и дека има микрочип (за да се спречат какви било злоупотреби на животното врзано за поводник, како изговор за слободно движење на луѓето), се препораките на Комората.
Како што вели за МИА претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, кучињата мора да ги извршат своите физиолошки потреби, а секое менување на нивната веќе стекната рутина или навика, предизвикува дополнителен стрес.
-Новонастанатата ситуација со ограниченото движење на граѓаните може да предизвика доплонителни стрeсови кај домашните миленици. Прво, дневната рутина на домашниот миленик веројатно ќе биде прекината зашто членовите на семејството не се во можност да ги обезбедуваат потребите на вообичаен начин. Поради фактот што домашните миленици (кучињата) се зависни од луѓето за да ги задоволат повеќето од нивните потреби, во текот на овие денови на ограничено движење сопствениците на домашни миленици треба да обезбедат доволно храна, лекови и други производи за нега на домашни миленици, по можност да се хранат и да се шетаат по претходно вообичаен распоред и да се воспостави нова рутина со постепено менување на вообичаените постапки со домашните миленици, напоменува Николовски.
Нагласува и дека доколку сопствениците се во самоизолација зашто се заболени од КОВИД-19, треба да обезбедаат некое друго лице кое ќе може да се грижи за домашните миленици
-Доколку сопствениците се со симптоми на КОВИД-19, а не се во можност да обезбедат некој друг да се грижи за нивниот миленик, потребно е да го ограничат контактот со домашниот миленик, да не го допираат миленикот, а, ако мора, да ги измијат рацете пред и по интеракцијата со животното, истакнува претседателот на Комората.
Ако домашниот миленик, пак, има потреба од итен ветеринарно-медицински третман, треба да се контактира матичниот доктор по ветеринарна медицина, да биде известен за новонастанатата ситуација и да се овозможи движење на сопственикот при потреба на пружање итна медицинска интервенција врз кучето.
До Ветеринарната комора деновиве стигнаа барања и од здруженијата за заштита на животни во однос актуелниот проблем на сопствениците на кучиња кои се чуваат во згради.