Верушевски: Само Господ знае со што се располагаат Груевски, Грујовски и Бошкоски

Од:

„Тројца луѓе по мое длабоко убедување се фокусот на креацијата на оваа документација. Тројцата се избегани од државата и врз база на таа документација добиваат третман во државите каде што се избегани“, објасни денеска Зоран Верушевски, актуелен советник за безбедност на премиерот, Зоран Заев на судењето за незаконски прислушуваните разговори, каде што се појави како сведок.

Верушевски посочи дека тројцата избегани луѓе се: екс-премиерот, Никола Груевски, за кој смета дека требало да биде првообвинет во овој предмет, началникот на Петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошкоски, за кого рече дека не го познава, но смета дека и тој носи голем товар на вина, посебно поради објавувањето на приватни разговори на граѓаните.

Голем предизвик  и за власта и за опозицијата е да се дојде до документација која ќе им донесе предност во политичкиот живот, рече Верушевски. Опозицијата се стреми да пронајде силни аргументи за слабоста на власта, а власта настојува да ја ослаби опозицијата и да ја зацврсти својата позиција, објасни и нагласи дека прислушувањето е креирано и измислено од тој што имал најголем бенефит. Тој посочи дека Никола Груевски, кој според него треба да е првообвинет во случајот, имал  патолошка желба да ја задржи власта, повеќе од 10 години.

Верушевски пред судот рече дека ако опремата била задржана, а не уништена, многу лесно низ вештачење ќе се дошло до вистината за овој случај.

Тој рече дека СЈО поседува само мал дел од документацијата која што им е на располагање на тројцата пребегани и само „Господ знае со што се располагаат тие“.

Верушевски објасни на што мислел кога минатото рочиште рече дека по неговото приведување во случајот „Пуч“, доставените документи доживеале страотна  модификација и компромитација.

„Базичната документација, нејзиниот обем и нејзината целосна структура беше во рацете на луѓето кои сега се во бегство во Грција и Унгарија“, рече Верушевски, алудирајќи на тоа дека од нивен интерес е да ја користат документацијата за свои цели оти на странците не им биле важни информации за „приходите од овоштараството“ или податоци за туризмот туку ги интересирала стабилноста на домашните институции.

На денешното судење требаше Зоран Верушевски вкрстено да се испитува од страна на обвинетите, но на почетокот на судењето, одбраната се изјасни дека нема прашања за сведокот. Поради правилно утврдување на фактичката состојба, откако немаше интерес за  вкрстеното испитување, прашања на сведокот, му поставуваа обвинителите.

Обвинителката, Ленче Ристoска го замоли сведокот да појасни од кои лица ги добивал информациите и во каква форма биле. Верушевски објасни дека кон крајот на 2010 постоеле сознанија и соодветни докази кои укажувале на ограничување на демократските капацитети на власта, како и сомневања за постоење на ограничена комуникација насочена кон опозицијата.

„Информациите доаѓаа од повеќе извори и јас ја имав приликата таа документација да ја обработувам. Во комуникација со изворите и информациите се потврдија сомневањата за грубата повреда на слободата на говор, слободата на комуникација и човековите права и слободи, посебно во делот на политичкото живеење“, рече Верушевски.

Ристоска некоупати се обиде да праша во каква форма ги добивал документите Верушевски и на што биле снимени, но единствениот негов одговор беше дека документацијата била дигитален запис, односно во иста форма во која била предадена во СЈО.

За тоа колку луѓе учествуваа во правење на ваквите анализи на документите Верушевски рече дека каратктерот на содржината на анализите наложувал одговорност на едно лице – негова и на претседателот на партијата.

„Лидерот таквите информации ги задржува за себе и самиот одлучува кога и на кој начин да ги употреби“, објасни Верушевски.

Анализите според него биле мисловен процес за кој било изузорно да се фокусира на одредена локација оти е невозможно да се лоцира кога почнува мисловниот процес.

На прашањето од обвинителката дали има сознанија за изнесување на документацијата од партијата Верушевски одговори дека сведокот нема својство на истражител ниту може да знае дали, кога и кој нешто направил.

За незаконското прислушување во предметот „Таргет – Тврдина“ се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијлаков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 години незаконски биле прислушувани над 20.000 граѓани со следење на 4286 телефонски броеви без судски наредби. Предметот е во доказна постапка.

Следното судење е закажано за 24 октомври, кога треба да сведочи премиерот, Зоран Заев.

Би можело да ве интересира

Ристовска: Повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, што е директна последица на измените на КЗ

Мијалков нема да одговара за нелегалното прислушување, застаре делото за „Таргет-Тврдина“

Рочиштето за масовното прислушување одложенo поради законските измени, Мијалков се спасува од делото „злосторничко здружување“

Александар Тодески

Повторената постапка за „Таргет-Тврдина“ одложена за утре

Амбасадата на САД го следи ослободувањето на Мијалков: Без оглед на судските одлуки, остануваат санкциите

Кристијан Ландов

Судскиот мониторинг покажува: Многу веројатно предметот за прислушкувањето и Мијалков да застари

Кристијан Ландов