Верските заедници сакаат затворање коцкарници, за други да отворат нови

Од:

Отстранувањето на коцкарниците од градовите е само фарса зад која се крие обид нови бизнис-групи да ја присвојат дејноста без да плаќаат данок кон државата, велат луѓе кои се занимаваат со истиот бизнис, но сакаат да останат аноними. Нивниот став е дека со измената ќе се затворат сегашните објекти како обложувалници и коцкарници, за да се отворат нови кои ќе бидат он-лајн.

„Онлајн обложувањето го има и сега, а сопствениците не плаќаат данок кон државата. Со затворањето на нашите објекти, коцкањето нема да се искорени, туку ќе се пресели на интернет, а ќе ќарат бизнисмени кои немаат никакви давачки кон државата“, вели нашиот извор.

Дислокација на обложувалниците и казината бараат верските заедници и пратеници на ДУИ преку законско решение.

Нивното барање е во радиус од 500 метри воздушна линија од училишта, градинки, факултети и други образовно-воспитни установи да нема објекти за игри на среќа. Ако се усвојат измените на законот за дислокација на објектите, обложувалници и коцкарници ќе можат да се отвораат само на периферијата од градот, како автопатиштата.

Предлогот на ДУИ го поддржаа Македонската православна црква и Исламската верска заедница. Од МПЦ сметаат дека последицата од лесно добиени пари преку коцкањето било наркоманија и растурање на семејствата. ИВЗ не ја образложи поддршката.

Бизнис-заедницата реагира токму и на поддршката од верските заедници. Јавноста, пак, вели дека станува алармантно како религијата се меша во работи кои не се во нејзин домен.

„Религијата и младите се параван, а невини луѓе се користат за да се оствари нечиј бизнис-интерес. Зошто не реагираат на танчерките кои наводно легално работат или, пак, на проституцијата, туку најголема пречка им се казината и обложувалниците?“, прашуваат бизнисмените.

Алармот за дислокација на обложувалниците го кренаа тетовчани, оти утврдиле дека во градот има околу 30 казина и 140 спортски обложувалници.

Премиерот Зоран Заев по Нова година рече дека вака не може да остане, но оти одлуката ќе се донесе по сериозна анализа.

Од први годинава се затворија и преселија надвор од градовите, сите казина и обложувалници во Албанија, оти според премиерот Еди Рама така се переле пари од криминалот.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата