Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитки до поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франсис, до Неговата Светост вселенскиот патријарх Вартоломеј, како и до поглаварот на Руската православна црква, Неговата Светост патријархот г.г. Кирил.
„Имајќи ја предвид нашата заедничка силна посветеност во одбраната на универзалните вредности за кои се залагаме, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит, посакувам и овој голем празник да донесе верба во градењето на просперитетна иднина за сите христијани низ светот“, стои во честитката упатена до папата Франсис.
Во честитката до вселенскиот патријарх Вартоломеј, претседателот Иванов порачува: „Да го следиме патот на светлината кој Синот Божји го поплочи за нас, да ги даруваме и да ги опсипуваме нашите ближни со љубов и грижа, да ги почитуваме и да ги сакаме сите околу нас“.
„Велигден претставува можност, поткрепени од Божјата милост, да работиме на нашата духовност, грижа и љубов за другите. Христовата жртва за човештвото нека биде наш, и на сите, патоказ за добродетелство, меѓусебно помагање и споделување.
Празникот Воскресение Христово ни дава голема радост и надеж, нè поттикнува на добри дела, на љубов кон ближните, на соживот и почит кон различните од нас“, стои во честитката до поглаварот на Руската православна црква, Неговата Светост, патријархот г. г. Кирил. Во писмата по повод Велигден, претседателот Иванов упатува срдечни и топли поздрави од Република Македонија, посакувајќи сите христијански верници големиот празник да го поминат во мир, добро здравје, радост и благосостојба.