Претставници на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ учествуваат во работата на 11-тата по ред Европска конференција посветена на блатните еко-системи што од денеска до 20 овој месец се одржува во германскиот град Потсдам.
Професорката Надежда Апостолова од Универзитетот во Валенсија пред учесниците на собирот ќе одржи презентација на трудот „Студенчишкото блато како интегрален дел од древното Охридско Eзеро: важен ресурс, вреден за заштита“, во кој е елаборирана двојната важност на Студенчишкото блато – неговата важност само по себе како уникатно природно живеалиште на реликтни растителни видови и неговата суштинска еколошка важност за екосистемот на Охридското езеро, особено како последно од мочуриштата во Охридскиот регион. Тоа е основата врз која се темели потребата за итно обезбедување на негова формална и трајна заштита.
Инаку, главната тема на конференцијата во Потсдам е поврзаноста помеѓу блатните екоисистеми и општеството, со аспекти на потточки како што е пренос на знаење, конфликти при конзервација (хармонизација на функцијата на блатните екосистеми и економските интереси) и реставрациски менаџмент (блатните екосистеми како средство за намалување на загадувањето на водата, емисија на стакленички гасови и загуба на биолошката разновидност).
Учеството на „Охрид СОС“ како претставник од Република Македонија на оваа конференција е од огромно значење за афирмирање на регионот како плодно тло за научни истражувања, поттикнување на развој на научен туризам во регионот и подигнување на свеста за важноста на билошката разновидност и екосистемите и нужноста за интегрирана заштита на Охридско – Преспанскиот регион.
Светското друштво на научници од областа блатни екосистеми повеќе од 30 години работи на поттикнување на научното истражување, образованието и управувањето со мочуриштата и брои преку три илјади членови од шеесеттина држави. На последната конференција што се одржа во Блед учествуваа 50-тина врвни научници од Европскиот континент, меѓу нив признати биолози, екологисти и консултанти.