„Вакцините нè доближуваат“ – Европска недела на имунизација

Од:

Под мотото „Вакцините нè доближуваат” денеска почнува одбележувањето на Европската недела на имунизација.

На почетокот на Европската недела на имунизација, Министерството за здравство и канцелариите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Северна Македонија истакнуваат дека вакцинацијата е јавно добро со кое му се помага на општествотo, се заштитува здравјето на населението и се спасуваат човечки животи.

Преку годинашното одбележување на Европската недела на имунизација во Северна Македонија, Министерството за здравство и партнерите сакаат да ја подигнат свеста за вредноста на имунизацијата, нагласувајќи ја важноста на континуитетот на рутинската имунизација и на потребата од стекнување на довербата од јавноста во безбедноста и ефикасноста на вакцините против Ковид-19, меѓу другото и заради заштита на здравствените работници и ставање крај на пандемијата.

– Јавноздравствените и социјалните мерки помагаат да се забави ширењето на вирусот, но вакцинацијата против Ковид-19 е алатката од витално значење за ставање крај на пандемијата и во тој контекст вложуваме максимални напори за да обезбедиме вакцини за целото население, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Посочува дека за целото времетраење на епидемијата, се вложуваат големи напори да се избалансира одржувањето на есенцијалните имунизациски услуги за сите возрасти, од една страна, со искористувањето на сите расположливи стручни потенцијали, ресурси и веќе докажани капацитети на државата за спроведување вакцинација за подготовка и за самата реализација на вакцинацијата против КОВИД-19 на безбеден начин. Напорите на планот на имунизацијата, неведува Филипче, опфатија и партнерска соработка со УНИЦЕФ и СЗО во областите на изготвување на национален план за вакцинација за КОВИД-19 и надминување на предизвиците во врска со обезбедувањето вакцини и нивно чување и друга логистика, благодарение на што се создадоа функционален ланец на снабдување со вакцини и обучени здравствени работници и вакцинатори во државата.”

Имунизацијата е водечка иницијатива на Програмата за работа на Kанцеларијата на СЗО за Европа за периодот 2020–2025 година насловена „Обединета акција за подобро здравје во Европа” – објаснува д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија.

„Како еден однајдокажаните економични начини за заштита на здравјето, имунизацијата е корисна за сите, насекаде во светот. Вакцините се колективно јавно добро, така што за сите луѓе треба да се обезбеди правичност во поглед на нивниот пристап до и користа од вакцините. Доколку се случи да биде запоставена рутинската имунизација заради состојбата со КОВИД-19, последиците ќе се чувствуваат уште долго откако ќе заврши пандемијата. Благодарение на години и години напорна работа во насока на обезбедување сите луѓе да бидат заштитени преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање на неколку болести како што се на пример малите сипаници, но за да се заштити ваквиот напредок по секоја цена мора да се одржува висок опфат со имунизација преку рутинска вакцинација. Среде пандемијата на Ковид-19, вакцинацијата претставува критично важна интервенција за ставање крај на пандемијата по што конечно ќе можеме да бидеме поблиску едни до други, вели Тавила.

Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, пак, истакнува дека после цела една година на затварања, празни училници и откажани собирања на семејствата, луѓето низ целиот свет почнуваат да добиваат вакцина против Ковид-19 или се во очекување на тој момент.

– Сите знаеме дека вакцините против КОВИД-19 се најголемата надеж што ја имаме дека ќе ни се врати нормалниот живот и дека повторно ќе можеме да бидеме блиску едни до други. Тие се исто така важен потсетник за критично важната улога што ја имаат другите вакцини, вклучувајќи ги и рутинските вакцини за децата, кои ни го овозможуваат нашето секојдневно функционирање, вели Ди Џовани.

Министерството за здравство и канцелариите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во заедничкото соопштение по повод Европската недела на имунизација, истакнуваат и дека КОВИД19 наруши голем број услуги, па така, додека од една страна сме сведоци на намалена побарувачка на услуги за децата во делот на дијагностиката, лекувањето хронични болести и примарната здравствена заштита, што се должи на стравот на родителите дека децата би можеле да се заразат од Ковид-19, она што радува е фактот што интересот за рутинска имунизација на децата и самото нејзино спроведување останаа во најголем дел несмалени.

Погрешните информации и дезинформациите може да предизвикаат колебливост во поглед на вакцините и на тој начин да претставуваат пречка на патот кон посакуваниот делотворен вакцинален одговор на пандемијата. Во борбата против КОВИД-19, партнерите исто така повикуваат на поголема ангажираност во насока на обезбедување пристап за граѓаните до информации и совети од веродостојни извори. Отворените и објективните комуникации им помагаат на луѓето да донесат издржани одлуки, засновани на нивна добра информираност, како и да ја разберат важноста на вакцинацијата како најделотворен начин – заедно со мерките како идентификување на контактите на заразените, одржување физичка дистанца, носење маска и миење раце – за ставање крај на пандемијата.

Би можело да ве интересира

120.000 млади Грци во еден ден се пријавија за државни ваучери од 150 евра, во замена за вакцинација

Жарко Настоски

Безболна проверка на билирубин за новороденчињата во болницата во Чаир

Ана Ололовска

Филипче тврди дека набавките не биле во четири очи, туку само без оглас

Жарко Настоски

Филипче: Од есен размислуваме само вакцинираните да смеат да посетуваат поголеми настани на затворено

Мери Јордановска

Успешно вграден стимулатор на нервот вагус кај 36-годишна пациентка

Ана Ололовска

За првпат во земјава спроведена постапка за стимулација на нервот вагус

Ана Ололовска